Иницијативи

За што поголема меѓуетничка толеранција и соработка на сите етникуми што живеат во општината Кичево и со средства на УНДП во износ од 2.000 долари, неодамна беше реализиран проектот во кој беа вклучени средношколците од двете средни училишта во градот.

Првата активност беше спроведена во центарот на градот, каде што дел од плочникот се бојосуваше во повеќе нијанси и по завршувањето личеше на вистински мозаик, а вториот дел од оваа активност беше изработка на поден мурал.

– Овој проект го спроведуваме со помош на УНДП и, ние дваесетмина средношколци, сме третата генерација од овој проект. Ние нудиме идеи што потоа треба да ги имплементираме, а се работи на слободна тема, со која младите лица од градот спроведуваат една активност. Првиот ден беше партерното сликање, додека вториот ден создадовме поден мурал, со што го разубавивме средиштето на градот – истакна Алдина Сефадини, носител на проектот.

Помеѓу учениците го забележавме и градоначалникот, кој и лично со четка и боја во рацете беше вклучен во реализацијата.
– И со оваа активност сакаме да придонесеме да имаме поубав град. Сите ние треба да дадеме свој прилог во убавината на Кичево, со што ќе го претвориме градот во привлечно место за живот. Затоа во сите вакви проекти треба да се вклучат пред сѐ млади луѓе. И оваа дружба и заедништво ќе придонесат за поголема меѓуетничка толеранција на сите етникуми што живеат на овие простори – рече градоначалникот Дехари.