Традицијата долга 42 години сѐ уште живее. Младите скулптори од цела
Македонија на снежните падини на Попова Шапка цела недела го градеа „Снежен град 2019“. Организатор на манифестацијата, која заврши вчера, е детскиот културен центар „Карпош“ од Скопје, а градителите беа сместени во хотелот „Славија“.
Во неделата, во 11 часот, децата градители, заедно со директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска, го претставија и свечено го
отворија „Снежниот град“ за сите посетители што ја сакаат оваа уметност и ги разгледаа ремек-делата на малите креативци направени од снег.

Учесници на „Снежниот град“ беа ученици од основни училишта од повеќе
градови од Македонија: Скопје, Куманово, Виница, Тетово… Сите беа екипирани во тимови со по десетина деца, со свој ментор, а со потребните алатки градеа скулптури, покажувајќи ги својата креативност и умешност. Децата учесници, користејќи ја својата фантазија, од снегот изградија најразлични објекти што тие ги замислиле: куќи, историски градби, автомобили, замоци…

Во рамките на манифестацијата се одржаа и други активности од забавно-рекреативен карактер, како избор на снежна убавица, спортски игри и натпревари во пинг-понг, билјард, шах, училишна квизотека, пикадо, снежен крос, најслатка бонбона, снежно бинго, бал под маски и, се разбира, забава, танцување во дискотека за учесниците на „Снежниот град“.