Ги поддржувам учениците во нивното демократско помагање во училишниот живот и им посакувам уште голем број вакви успешни приказни, вели директорката Кети Стевананџија

Минатиот вторник во училиштето „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп беше мошне весело и разиграно. Така беше затоа што портите беа отворени за сите родители, наставници и директори, а главниот збор го имаа децата. Всушност станува збор за „Отворен ден на граѓанско образование“, проект што се реализираше како соработка меѓу училиштето домаќин и Бирото за развој на образованието, што претставува нов концепт, каде што во фокусот се граѓанските вредности и практикувањето на демократското функционирање на учениците

Учениците од ОУ „Пере Тошев“ од Десово им беа на гости и заедно со домаќините ликовно твореа на темата „Среќно детство“, па сивиот цемент во училишниот двор за миг беше ишаран во илјада бои.
Учениците од погорните одделенија, пак, дебатираа на темата „Ученички иницијативи за подобрување на демократската клима во училиштето“, па на дебатата стана збор за училишната униформа, потребата за обезбедување на училиштето, носењето на мобилните телефони и дискриминацијата во училиштето.

Вклучените ученици остроумно и праведно, со свои аргументи, гласно ги кажаа своите мислења, ставови и идеи пред многубројната публика составена од соучениците, наставниците и директорите од другите основни училишта во градот и општината, како и пред советничката од Бирото за развој на образованието, Даница Талимџиоска.
Додека се дебатираше, на демократски начин учениците гласаа избирајќи дете правобранител во училиштето, а со најмногу гласови оваа значајна титула ја доби ученикот Михаил Јорданоски од осмо одделение, чие прогласување беше проследено со громогласен аплауз од присутните.

– Оваа година првпат сум избран за дете правобранител. Навистина сум горд заради тоа и ќе се трудам да ги застапувам детските права. Се чувствувам многу возбудено, а идејата да се пријавам на конкурсот потекна од судирот со проблемите на моите соученици. Иако оваа улога ми е нова, сакам да ги решам сите проблеми и да нема конфликт меѓу моите соученици – ни рече среќниот и возбуден Михаил.
Директорката на училиштето Кети Стевананџија, задоволна поради ефективноста на настанот, ни рече дека со несмален жар и натаму ќе работи на вакви проекти за што повеќе да се слуша гласот на учениците.

– Ја користам оваа пригода да им кажам на учениците дека ги поддржувам во нивното демократско помагање во училишниот живот и им посакувам уште голем број вакви успешни приказни како денешниот настан – рече Стевананџија.
Во реализацијата на овој настан, освен директорката, беа вклучени и наставникот по граѓанско образование Љупчо Михајлоски, наставникот по историја Ѓорѓи Костоски, наставничката по хемија Марина Нолческа, социологот Снежана Коцевска Шубеска и педагогот Весна Зероска, како и други наставници, кои беа одговорни за работилниците што се одвиваа во училишната библиотека.