Етика за млади

Две основни сили на човекот се мислата и делото. Во етиката овие две сили се неразделно сплотени.
Првото се нештата што се случуваат во самата личност. Тоа се разни чувства, доживувања, размислувања, но и знаењето, фантазијата, оценувањето, визијата, емоциите, желбата, насочувањето, истрајноста… Мошне важни се вниманието, сконцентрираноста на проблемите, грижата за доброто и исправното и решавањето на дилемите. Сите тие нешта се скриени во човековата душа.
Второто кај човекот се: силата, изгледот, движењето, работата, постапките, комуникацијата, телесното одржување… Тоа се човекови активности, физички допир со светот, контакт со други луѓе и живи суштества.

Живеењето на луѓето тече помеѓу овие две животни форми, меѓу психичкото и дејствителното. Од сите нив е составено човековото постоење, тие се градба на неговата личност.
Етиката ги поврзува сите елементи на човековото суштествување. Во неа постои единство од внатрешни и надворешни елементи – како доживување, размислување, оценување, внимание и насочување, но и како постапки, однесување и изразување на своите ставови и намери.
Затоа етиката не е само личен избор меѓу доброто и злото, туку и дејствување, преку кое се манифестира тој човеков избор. Не е доволно да се има став и да се чува во себе. Животната борба се мери според ангажирањето. Љубовта се покажува со односот кон саканото суштество. Етиката на личноста се пројавува низ нејзината насоченост и активност.

Моралното постапување е израз на етиката на личноста. Практичната етика всушност е основна, видлива, покажана етика. Од нашето секојдневно етичко
дејствување се гледа кои сме и што сме решиле, какви се нашата љубов и внимание.


Етичка мисла

Наградата за доброто е тоа што доброто е направено

Ралф Волдо Емерсон, американски етичар