Таленти: Иван Стојанов (13) од Кавадарци, пијанист

Иван ниже награди по математика на државно ниво, вклучувајќи го тука и првото место на натпреварот „Кенгур“, а кога станува збор за свирењето пијано изминатиот период на три меѓународни натпревари освои три први награди

Иван Стојанов, кој наскоро ќе наполни 13 години, игра шах од четиригодишна возраст, многу ја сака математиката, но најмногу од сѐ свирењето пијано и убеден е дека тоа ќе биде неговата идна професија.

Неговата наставничка по пијано во основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци, Весна Павлова, вели дека досега немала ваков ученик, толку скромен, а истовремено толку исполнителен и одговорен. Ова момче со прекрасна насмевка за време на учебната година секој ден стануваше рано и од 6 до7 часот свиреше на своето пијано пред да замине на училиште.
– Во моето семејство сите се музикални, татко ми дипломирал кларинет, мајка ми убаво пее, брат ми свири кларинет исто така и моментално е на летна школа во САД, па неминовно беше и јас да бидам музичар. Една година ја изучував тарабуката на одделот за народни инструменти, но по иницијатива од татко ми пробав да свирам на саксофон. Уште со првиот контакт успеав да извадам низа чисти тонови – скала, што е невообичаено и за многу кратко време, на регионалниот натпревар освоив 100 поени. Бидејќи бев трето одделение, а саксофонот се изучува од петто, бев рангиран надвор од конкуренција. Како четвртоодделенец на меѓународен натпревар во Пожаревац, Србија ја освоив првата награда – раскажува неуморниот Иван.

Ова мултиталентирано дете го интересираат многу работи, па откако ја згаснал жедта за свирење саксофон, почнал да ниже награди по математика на државно ниво вклучувајќи ја тука и првата награда на натпреварот „Кенгур“.
Сепак, неговиот татко Горан Стојанов размислува како повторно кај Иван да го врати интересот за музиката.

– Дедо му Стефан го научи Иван да игра шах уште кога беше многу мал, па така се случуваше кога имаше само 4 години да ме матира. На почетокот не можев да верувам, но постепено го прифаќав сознанието дека е голем логичар, што се потврди и со успехот што го постигнуваше по математика. Токму од овие причини сметав дека поради неговата интелигенција клавирот, како најкомплетен, совршен инструмент може да биде интересен за него. На крајот од четврто одделение од страна на наставничката Даниела Паланкова Маџункова, Иван беше прифатен да го изучува овој инструмент, иако вообичаено тоа почнува од второ одделение. Во разговорот со наставничката истакнавме дека од Иван не очекуваме никакви резултати туку едноставно да е во допир со музиката – вели неговиот татко Горан Стојанов.
Официјално, Иван од петто одделение почнува да го изучува пијаното и за краток приод го дополнува испуштено. За неколку месеци на републичкиот натпревар освојува втора награда, а за неполна година започнува да освојува републички и меѓународни признанија. Од оваа година тој навлегува во професионалните води со посебна посветеност, со поддршка од својата професорка Весна Павлова. Почнува да свири и вежби за студенти на факултет.
– Изминатиот период е особено плоден за Иван бидејќи на три меѓународни натпревари освои три први награди од кои две се специјални со 100 поени. Имено на меѓународниот натпревар, кој се одржува најмалку во 15 држави како што се САД, Јапонија и Франција – „Златен клуч“, Иван ја доби главната награда „златен клуч“ во неговата категорија. Следува меѓународниот натпревар за класична музика „Арт ин“ – Велес, каде што исто така освојува специјална награда и златен медал и највисоката награда на меѓународниот натпревар на млади пијанисти во Гевгелија – со задоволство нѐ информира професорката Весна Павлова.

Јаготка на тортата на ова наша прекрасна дружба со Иван и неговата професорка беше музиката што ни ја исполни, дела од Рахманинов, Бах и Моцарт.
Му посакуваме остварување на соништата и успешна музичка кариера. Со поддршката што ја има од своето семејство и од двете наставнички, Даниела и Весна, веруваме дека Иван ќе успее да се искачи на врвот.