Од книгата „Бисерчиња од детски главчиња“
на Славка Арсова (7)

На Мартина две запчиња ѝ се разнишале, но никако да паднат. Мајка ѝ ја однесе кај забарот Александар, чичко забар, како што го вика Мартина.
Седна Мартина на столот.
– Зини Мартинче – шеговито и насмеано ѝ вели чичкото забар.
Не мина ни една минута, забарот ѝ вели:
– Стани Мартинче, готово е, ги извадивме запчињата. Сега ќе изникнат нови и убави. Ајде сега оди си дома.
– Амаа-а, чичко Александар, не си фер! Сега дојдов, а ти ми велиш: стани и оди си дома. Јас сакам уште да седам на овој забарски стол. Ајде, сега, погледни ми ги и другите запчиња…
Коментар: Ете, деца, гледате: додека многу од вас се плашат и не сакаат да одат на заболекар – малата Мартина „се буни“ зашто чичкото забар брзо ѝ ги извадил расклатените запчиња!
Браво Мартина! Така треба, ти не само што си храбра туку си и многу умна -забите треба да се чуваат.
Деца, угледајте се на Мартина и редовно одете на забар, ако сакате да имате здрави и убави заби.