И оваа година во Радовиш, по четврти пат, се одржа литературната манифестација „Пролет на сребрените соништа 2021“. Завршниот настан се случи на 9 октомври во ЦК „Ацо Караманов“, каде што на сцената наградените ученици ги прочитаа своите поетски творби.
Учениците и менторите беа наградени со книги, а добија и дипломи за најдобра песна од Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија.
– Одборот на четвртата по ред поетска манифестација „Пролет на сребрените соништа“ им честита на сите учесници, ученици и ментори за прекрасните поетски творби што пристигнаа на нашата мејл-адреса. Жирито имаше тешка задача да одбере само 25 од нив, кои оваа година ќе го добијат епитетот најдобра песна за 2021 година на литературната манифестација „Пролет на сребрените соништа 2021“ – велат организаторите.
Ликовниот уметник Живко Поповски-Цветин за наградените ученици и ментори изработи картички со неговите препознатливи „цвеќиња на мирот“. Покрај доделувањето на наградите, публиката во салата го проследи книжевно-музичкиот и ликовно-интерпретативен перформанс „Караманов и Конески – инспирација за уметничка интерпретација“, во реализација на академијата „Евроарт-Штип“. Исто така, за време на завршниот настап се одвиваше и ликовна работилница под менторство на уметницата Анастасија Петрова.
Како дел од програмата беше реализирано и интерактивно интервју со писателката за деца Ксенија Трајчева Маказлиева, во кое таа одговарајќи на поставените прашања на присутните им ја доближи нејзината најнова книга „Борко Брзозборко“, со осврт на д-р Милена Ристова Михајловска и Гордана Здравкоска.