Цртајте за дискриминацијата меѓу децата во спортот

Детскиот ликовен центар и Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, во рамките на проектот „Фер шанса за младите во спортот“, во почетокот на второто полугодие објавија ликовен конкурс на тема „Борба против насилството и дискриминацијата меѓу децата во спортот“. Но поради пандемијата на коронавирусот, училиштата во изминатите два месеци беа затворени, а така ќе остане до почетокот на новата учебна година, во септември оваа година.

Но со желба да не се ограничуваат креативниот дух и творештвото на младите таленти, од Детскиот ликовен центар ги покануваат децата што сакаат да учествуваат со свои дела, до 10 јуни да подготват ликовни творби на тема „Борба против насилството и дискриминацијата помеѓу децата во спортот“.
Творбите може да ги доставувате како скенови или фотографии на следната мејл-адреса: [email protected].

– За најдобрите млади творци се предвидени награди. Ги очекуваме вашите творби – велат од Ликовниот центар.
Телефон за контакт и за информирање: 076 98 70 24