Детскиот ликовен центар по 12-ти пат го организира традиционалниот ликовно-образовен камп „Вангел Коџоман“, кој се одржува од 23 до 30 јуни во Струга и во Охрид.
Учесници се 35 млади ликовни таленти, со нивните ментори-професори по ликовно образование од училиштата во земјава, на возраст од 11 до 16 години.
Младите уметници ќе цртаат и сликаат со: молив, графит и пастел на цртачка хартија, акрилни бои и комбинирана техника на платно, подготовка и печатење на графика во техниката линорез, со најразлични карактеристични познати и непознати мотиви во Струга и од Охрид. На нивните слики ќе се најдат староградска архитектура, познати манастири и цркви – во Калишта, Радожда во Струга, Св. Наум, Плаошник, Св. Канео, Св. Софија во Охрид, мотиви од Охридско Езеро, Самуиловата тврдина.
Младите учесници ќе ја посетат и поставката на ликовни дела во галеријата „Ванѓел Коџоман“, спомен-куќата посветена на Браќата Миладиновци во Струга, како и други знаменитости.