Извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево го одбележа Светскиот ден на извидништвото, 22 февруари, со традиционална крводарителна акција, која беше организирана во соработка со ОО на Црвениот крст од овој град. При акцијата беа собрани 28 единици крв од сите крвни групи, а меѓу крводарителите се наоѓаа и поголем број извидници од овој одред. Во вечерните часови во кампот на одредот заклетва положија млади извидници, над 40, кои со овој чин станаа дел од одредот, кој има над 120 извидници.

– Петтата по ред крводарителна акција се одвиваше под мотото „Направи добро дело, дарувај крв“ и беа собрани 28 единици, а меѓу лицата што даруваа крв се наоѓаа и членови на нашиот извиднички одред. Оваа акција ја спроведовме во соработка со Општинската организација на Црвениот крст од нашиот град и со Заводот за трансфузиска медицина. Одбележувањето на Светскиот ден на извидништвото го заокружиме со свечената заклетва на новите членови, вкупно 40, на возраст од 7 до 10 години, во базата на одредот. Во кампот беше запален и логорски оган и во таков автентичен амбиент протекоа целокупната свеченост и одбележувањето на овој ден. На наше големо задоволство, заинтересираноста на младите за извидништвото во градот, и покрај иселувањето, не стивнува -рече Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево.

Инаку, претходните години извидниците спроведоа и повеќе еколошки акции за чистење на падините на планината Илиница, која се надвиснува над самиот град Кичево.