Сметам дека е потребно да се најде начин за изведување настава со директен контакт едукатор – дете, кој ќе биде приспособен на актуелната состојба, бидејќи кај овие деца и еден час во текот на денот со еден ученик ќе има поголем ефект отколку учење на далечина, вели Зоран Велков

Зоран Велков, дефектолог

Зоран Велков е дипломиран дефектолог олигофренолог или по најновата терминологија специјален едукатор рехабилитатор. Тој веќе 28 години работи со деца со посебни потреби во специјалните паралелки во ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци. Со него поразговаравме за искуствата од работењето со овие специфични ученици и за тоа како актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот се одрази на нивната едукација.
Какво е вашето искуство со онлајн наставата во текот на пандемијата на ковид-19 со децата со посебни потреби и дали таа воопшто може да се спроведува со одредена категорија ученици?

– Пандемијата на ковид-19 нѐ затекна неподготвени за онлајн настава или за учење на далечина со децата со посебни потреби. Министерството за образование и наставниот кадар подготвија платформи за учење и за релативно краток период ги ставија во функција за реализацијата на наставните содржини до крајот на учебната година. Но сево ова беше применливо во основното и средното образование со учениците што не се со посебни потреби. Моето искуство кажува дека онлајн наставата со учениците со посебни потреби е многу потешко изводлива, бидејќи тука е клучна комуникацијата со родителите на ученикот. Бидејќи повеќе години работам со група ученици со мултихендикеп со кои е многу специфично да се работи во училница, а онлајн уште потешко додека со некои воопшто и не е можно. Со оглед на тоа што имаме ученици што не можат да го задржат и насочат вниманието кон одредена активност или, пак, тоа е многу кратко и многу тешко може да се реализира овој тип настава со давање препораки за родителите и со споделување одредени линкови на кои има активности што тие може во домашни услови да ги реализираат.

Сите деца со посебни потреби, сепак, не можат да се стават во една категорија, зарем не?
– Точно. Има деца што се со посебни потреби: деца со хиперактивност, со тешкотии во учењето, деца со аграфии (кои не можат да пишуваат), акалкулии (не можат да совладаат математички операции) и деца од асоцијални средини. Кај тие деца со помали проблеми со значително поголем успех може да се реализира онлајн настава, се разбира, приспособена на можностите и потребите на детето. Она што е најважно во индивидуалниот пристап кон секое дете е доближување и адаптирање на задачите според неговите можности за да ја имаат функцијата за поттикнување на развојот. Наша основна цел треба да биде постигнување максимум на индивидуалниот потенцијал на секое дете. Сега не се поставува прашање дали и колку децата се едукатибилни туку да го најдеме начинот како да го постигнеме индивидуалниот потенцијал кај секое дете.

Како се снајдоа родителите во целата оваа ситуација?
– И родителите се соочуваат со проблеми, учениците сами не можат да работат, или немаат компјутер или немаат интернет. Едноставно родителите не се обучени да работат на таа проблематика и најголем проблем, според мене, кај оваа група ученици со мултихендикеп е стимулирањето и задржувањето на вниманието на детето кон одредена активност во домашни услови, како и да се приспособи активноста кон неговите можности. Што се однесува до образовниот дел тоа е многу потешко.
Како да се надминат овие проблеми со оглед на неизвесноста за начинот како ќе се изведува наставата во новата учебна година?

– Особено со учениците со кои е многу тешко изведувањето онлајн настава сметам дека е потребно да се најде начин за изведување настава со директен контакт едукатор – дете, кој ќе биде приспособен на состојбата што ја имаме во моментот. Кај нас во училиштето „Страшо Пинџур“ во посебните паралелки бројот на учениците е помал и сметам дека и еден час во текот на денот со еден ученик ќе има поголем ефект отколку учење на далечина, нормално со почитување на сите мерки за заштита. Јас мислам дека е многу подобро да се реализира еден час активен отколку неколку часа онлајн со многу мал ефект или никаков. Организацијата за тоа ќе биде потешка, но сметам дека е изводлива. Во суштина, новиот закон за основно и средно образование ја промовира инклузијата на децата со посебни потреби. Но се прашувам дали се создадени сите услови и предуслови за да се спроведе инклузијата како што е замислена во законот?