Таленти: Тодор Пењушков (12)

Ова скромно но вредно и мултиталентирано момче има голем број таленти. Го бидува за математика, го интересираат природните науки, а одлично зборува и англиски јазик. Освојувал први места на литературни натпревари, членува во училишниот хор и оркестар, а наоѓа време и да спортува

Објавувањето на песната посветена на неговата Ваташа во прилогот „Колибри +“ на „Нова Македонија“ пред две години, Тодор Пењушков го поттикна да продолжи да пишува. Сега тој има 12 години и е ученик во седмо одделение во ОУ „Димката Ангелов-Габерот “ во Ваташа. Како што веќе објавивме, Тодор ова лето ја освои првата награда со неговото писмо, насловено „Патување низ времето“, на конкурсот на Агенцијата за пошти, и се стекна со правото да се натпреварува на меѓународно ниво со писмата на децата од другите држави. Тоа беше и поводот да го посетиме талентираниот Тодор Пењушков во неговиот дом во Ваташа.

Но Тодор не е талентиран само за пишување песни и проза, тој страсно сака фудбал, тренира тенис, а свири и на мандолина во училишниот оркестар и исто толку добро пее во училишниот хор. Ќе речете дека тоа се многу ангажмани за едно дете, но тоа не е сѐ кога станува збор за Тодор. Од неговата наставничка по македонски јазик Александра Бошков, која е и негова менторка, дознавме дека Тодор учествува и на други натпревари и освојува многу награди. Во петто одделение беше најдобар на општинскиот натпревар по англиски јазик, во шесто одделение по предметот Природни науки освои први награди на општинскиот и на регионалниот натпревар, а на државно ниво освои втора награда. И по математика освоил втора награда на општинскиот и на регионалниот натпревар, како и втора награда на натпреварот „Кенгур“.

Освен тоа што Тодор е талентиран за пишување, тој исто така многу сака да игра фудбал и со особена страст ги собира и пополнува албумите за светските првенства. Исто така редовно тренира тенис и негов идол е Новак Ѓоковиќ. Бидејќи музиката секојдневно е присутна во неговото семејство, некако сосема нормално е Тодор да свири во училишниот оркестар и да пее во хорот. Особено е горд на тамбурата што неговиот татко ја изработил за него и има можност да научи да свири на традиционален инструмент. И покрај сите овие ангажирања, на прашањето што сака да биде кога ќе порасне, Тодор без колебање одговори дека сака да биде доктор како неговите родители, бидејќи медицината за него е хумана професија и тој сака да им помага на луѓето. Негова определба најверојатно ќе биде интерна медицина, по примерот на неговиот татко.

Пењушкови се едно прекрасно семејство, а Тодор и неговата помала сестричка Андонија ја имаат целосната поддршка од своите родители. Баба Донка секогаш е тука да ги исполнува нивните желби кога станува збор за омилените кулинарски специјалитети и ни открива дека Тодор ги обожава нејзините полнети пиперки и сармата.

Тодор е примерно и послушно дете, вели неговата мајка Јасна, која ни откри дека дури минатата година добил лаптоп и телефон. Досега дома не донел ниту една четворка, сака да учи и самиот одлучува кога неговите другарчиња си играат тој да се подготвува за натпревари.

Во слободното време со неговиот татко имаат заедничко хоби – собирање стари автомобили. Ова лето работеле на оспособување и опремување на две „застави 750“, популарното „фиќо“. Тодор многу сака да пешачи во природа, да вози велосипед и повремено заедно со татко си да оди на риболов на Тиквешко и на Ваташко Езеро. И на крајот дознавме и дека, како и на повеќето деца на негова возраст, омилен десерт му е сладолед од чоколадо.


Како се роди најубавото писмо?

За тоа како го напишал писмото „Патување низ времето“ и го одушевил жирито, кое без колебање му ја доделило првата награда, Тодор ни раскажа дека веднаш штом дознал за конкурсот од неговата наставничка почнал да размислува на таа тема. Секој ден запишувал понекоја мисла, а за една недела писмото било готово. Најпрво им го прочитал на своите родители, кои се негови верни и добри критичари, ги послушал нивните сугестии и го испратил писмото.


Земја играрија

На сони мечтата ми стана јаве
стигнав во земјата Играрија
со брат ми Славе.

Верувале или не, видов чуден свет
вовчето експрес ита во лет
во вагоните носи сладолед.

Стрелката на часовникот наназад брои
Мечето Мане на глава стои.

Штурецот виолината ја смири
на шарен кавал свири
петлето Денко дрска лири
Кртот Симе сади компири.

Ластовицата две чорби прави,
поштарот Тале на телефон се јави
во едната домат, во другата пипер
да стави.

Бумбарот фудбалер е славен
во натпревар со ќосот
Зајко е судија главен.

Ав, ав ме разбуди кучешки лав
се штрекнав од шарен страв.
во земјата Играрија пак ќе идам
на гости сонот штом го видам

Тодор Пењушков