Тринаесетгодишната Арелена Гостимировиќ од Кавадарци преку ликовната уметност го осознава светот

Ова талентирано девојче освои прва награда на неодамнешната Државна изложба на детски ликовни творби на темата „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ во Битола, а благодарение на наставникот Горан Боев, Арелена неодамна ја имаше и својата прва мини-изложба во галеријата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци

Тринаесетгодишната Арелена Гостимировиќ од Кавадарци не е само посебна по нејзиното име, кое, како што вели, на старословенски значи љубов, туку и по нејзината голема љубов кон уметноста. Името ѝ го дал нејзиниот татко, кој по националност е Хрват. Според нејзините истражувања, постои само уште една девојка што се вика така во Хрватска.
Но да се вратиме во секојдневието на ова љубопитно девојче. Арелена отсекогаш сакала да црта, меѓутоа последните две години ѝ посветува поголемо внимание на уметности вклучувајќи го тука и членувањето во ликовната секција под менторство на нејзиниот наставник Горан Боев. Она што ја издвојува од другите ученици е податокот што на завршната годишна изложба, која беше отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“, Арелена ја имаше можноста со своите ликовни дела да исполни еден цел ѕид. Нејзини најчести мотиви се пејзажите, во кои во повеќето вклучува вода и море. Некои пејзажи се дел од нејзината фантазија, дел од мотивите од летување и дел од интернет.

Со наставникот по ликовно, Горан Боев

– Најголема поддршка имам од моето семејство. За мене сликањето значи исполнување, опуштање што би го дефинирала како слобода, она што некому му е фудбалот, тоа мене ми е сликањето. Кога сликам вообичаено слушам музика, најчесто класика, или добриот стар балкански рок, но понекогаш и странска рок-музика. Покрај уметноста ја сакам ги математиката и биологијата, всушност сите природни науки, но ако зборуваме за избор на професија, природните науки секогаш ми се план Б – ни открива Арелена.

Таа ни откри дека со помош на нејзиниот наставник по ликовно образование, Горан Боев, научила многу за сликарството на Клод Моне, а од современите македонски сликари најмногу ѝ се допаѓа уметницата Андријана Мациев.

– Кога првпат ја видов како работи Арелена, ме фасцинира нејзиниот талент. Јас како наставник си дадов задача посебно да внимавам на тие деца што се талентирани, иако сум свесен, како што запишал Данчо Ордев – авторот на учебниците по ликовно образование, дека најмал е бројот на учениците што се заинтересирани за ликовната уметност. Кај Арелена ми се допаѓа тоа што ги респектира и зема пример од сликарите зачетници на модерната уметност, но, најмило ми е што почна од основите на уметноста, анатомијата и класичниот цртеж. На нејзините дела многу ретко интервенирам, му давам слобода на нејзиниот ликовен израз и речиси сите дилеми околу комплексноста на уметноста ги решаваме преку разговор. Исто така, практикувам честа посета на ликовни изложби и разни други манифестации од културата, каде што може да се најде инспирација, бидејќи сметам дека уметноста не се формира само со работа, туку и со вклучување во културата – вели Горан Боев наставник по ликовно образование во ООУ „Димката Ангелов-Габерот“ во Кавадарци.

Освен нашата фасцинираност од талентот на Арелена потврда за нејзиниот квалитет е и првата награда на неодамнешната Државна изложба на детски ликовни творби на темата „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ во Битола. Кога сме кај наградите да споменеме и дека на меѓународен натпревар Кенгур – финален круг, таа освои две втори награди по математика и биологија.
Всушност, тоа е кратката верзија на приказната на талентираната Арелена Гостимировиќ од Кавадарци. Нејзиниот дом е украсен со многу нејзини слики од кои најмногу ѝ подарува на нејзината сестра Аријана. Во сите други особини е слична на девојчињата од нејзината генерација бидејќи поголемиот дел од денот е на интернет, кога станува збор за овошјето најмногу сака јагоди, омилен ѝ е сладоледот од чоколадо и многу сака да вози велосипед дури и по десет километри на ден. На крајот ни рече дека доколку, сепак, нејзината професија биде математиката, тогаш сликањето ќе биде нејзино хоби.