Вие ни јавувате: Екопроект на ОУ „Ацо Шопов“ од Скопје

,,Фатете се за сметот, оставете демагогија“ – им порачаа на возрасните, основците од ОУ,,Ацо Шопов“ во Радишани, од скопската општина Бутел.
Натпреварувајќи се кое одделение ќе собере најмногу пластичен отпад, што потоа училиштето го препраќа на рециклирање – низ досетливи игри со пластични шишиња, скокање со пластични вреќи до училишните контејнери за селектиран отпад, педесетина ученици во училишниот двор покажаа дека имаат изграден став за животната средина.
,,Околината мора постојано да се чисти од тешко распадливиот отпад, и да не се чека само уличните чистачи да го прават тоа. А возрасните низ личен пример да им покажат на децата како треба да се постапува“, е пораката од најмладите.

– Децата имаат моќ да нѐ засрамат нас возрасните и со право да бараат да сме еколошки будни и одговорни. Можеме многу да научиме од нив. Од нивната искреност и некалкулантство. Само треба да се ослободиме од суетата и од личниот филм за недопирливост. Им го должиме тоа итно – порача Велимир Смилевски, градоначалник на Бутел, општина со 36.154 жители, населени во 5 населби и 4 рурални подрачја.
Овој училиштен проект го препозна и скопска „Јавна хигиена“, која за највредните обезбеди стимулативни екоподароци. Партнер во целата екоприказна стана и Театарот за деца и младинци, кој ќе му биде домаќин на најуспешниот клас во собирање отпад, за да ги релаксира со специјална екопретстава финансирана од ЕУ.

Низ оваа манифестација, тимот на театарот низ личен пример покажа дека сака да инвестира во најмладата популација низ издигање на свеста за уметноста и за театарот.
,,Наместо постојано да се заковани пред компјутерите, сакавме да ги инспирираме основците дека квалитетно потрошено време е и време за убава театарска претстава“, е ставот на оваа културна институција.

– Мисијата на нашето училиште е да му бидеме ветер во грбот на ученикот, да го инспирираме неговиот критички дух за со аргументи да нѐ поправа нас возрасните кога грешиме – вели директорката на ОУ,,Ацо Шопов“, Лепосава Дохчева, која заедно со тимот наставници по биологија, ликовно, музичко и македонски јазик им беа ментори на децата да ја спроведат екоманифестацијата: ,,Ако не се рециклира, и пластичниот отпад знае да убие“.