Светскиот ден на литературата за деца, 2 Април, беше одбележан и во нашата земја. Според замислите, желбите и потребите, различни институции од областа на образованието и културата го прославија овој ден на различен начин.
Учениците од библиотекарската секција и учениците што изучуваат српски јазик од ООУ „Невена Ѓорѓиева-Дуња“ од населбата Кисела Вода во Скопје, прославата на овој ден ја почнаа уште на први април. Тие се дел од проектот за интеркултурализам, кој го води библиотекарката Маја Трајковиќ. Токму затоа, тие на онлајн дружба го поканија поетот Филип Димкоски, кој пишува и на српски и на македонски јазик, кој ја одржа двојазичната работилница „Заедно учиме, заедно растеме“/„Заједно учимо, заједно растемо“, на која зборуваше за значењето ја јазиците, за големата група на словенски јазици во која припаѓаат и македонскиот и српскиот јазик, им објасни некои значајни белези на јазиците и специфики што ги имаат овие два јазика. Тој им прочита и дел од своето творештво на српски и на македонски јазик, а учениците прочитаа свои творби.

– Благодарам, ученици и родители, за соработката. Благодарам, драги Ања, Ана, Милена, Марија, Теодор, Лина, Сара, Нина, Сара и Данило! Му благодарам и на поетот Филип Димкоски за космполитизмот, кој го внесе преку неговиот концепт, кој беше посебен и автентичен – рече библиотекарката Маја Трајковиќ по завршувањето на онлајн работилницата.
Училиштето „Браќа Миладиновци“ од селото Миладиновци, во општината Илинден, пак, 2 април го одбележа со онлајн настанот „Средба со писател“, на кој гостин беше поетот Филип Димкоски. Талентираните ученици-членови на училишната литературна секција, водени од наставничката Ане Петрушевска, имаа безброј оригинални прашања за авторот гостин, но и грст инспиративни стихови за природата, за пролетта, за другарството, за мајката…, кои со радост ги споделија со нивниот гостин.
Поетот Филип Димкоски, покрај тоа што даваше одговори и зборуваше за своето творештво, им прочита дел од своите песни, но и иницира разговор на една важна тема: „Детското творештво како дел од литературата за деца“. Се дискутираше како е прифатено од нивните соученици она што ќе го напишат младите литерати. За среќа, добивме одговори дека соучениците даваат поддршка и разбирање за своите талентирани другарчиња и не штедат пофални зборови и аплаузи.

– Книгата е нашиот најдобар другар. Таа е мудар советник, а наедно и учител. Денес го одбележуваме Меѓународниот ден на литературата за деца, па по тој повод организиравме литературно читање со истакнатиот поет за деца Филип Димкоски. Учениците се запознаа со творештвото на овој млад поет, а наедно се претставија и со свои творби – истакна наставничката Ане Петрушевска.
Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во соработка со велешкиот клуб на писатели „Коста Солев Рацин“, Светскиот ден на литературата за деца го одбележа со онлајн средба на неколку автори, и тоа Наташа Бреѕовска Богоевска, Соња Гаврилова, Јасмина Ѓеорѓиева, Филип Димкоски, Ели Маказлиева и Лила Арсова. Авторите читаа приказни и песни од своето творештво, ги споделија своите најнови творечки потфати и си посакаа што поскоро средбите да им бидат во живо, а не онлајн.