Учениците од ОУ „Др. Владимир Полежиноски“

Во Центарот за развој на заедницата во Кичево неодамна беа прогласени најуспешните училишта во градот, вклучени во проектот за собирање пластична ПЕТ- амбалажа, со што беше заокружен овој проект, кој почна да се реализира во јануари минатата година, а собирањето на пластична ПЕТ-амбалажа започна лани во мај.
Според остварените резултати во изминатите единаесет месеци, колку што се спроведува овој проект, најпродуктивно е основното училиште „Д-р Владимир Полежиноски“, чии 440 ученика за периодот 15 мај 2017 – 18 април 2018 година собрале вкупно 514.350 килограми пластична ПЕТ-амбалажа или, просечно, по ученик собрале по 1.169 грама.
Второ најпродуктивно училиште е ОУ „К.Ј. Питу“, каде што се собрани вкупно 631 килограм или, просечно, по ученик по 872 грама. Третото место, според остварените резултати, му припадна на ОУ „Санде Штерјоски“, каде што за истиот период се собрани 716.850 килограми или, просечно, по ученик по 515 грама.
– Во проектот „Иновативни локални алатки и пилот-тестирање за селектирање, собирање и рециклирање пластичен ПЕТ-отпад од домаќинствата во Кичево“ беа вклучени трите основни училишта од градот и се надеваме дека добрите резултати ќе дадат поттик тој да продолжи со учество на други форми, затоа што го разбуди интересот на граѓаните на Кичево за собирање на пластичната амбалажа – истакна Елизабета Ристеска, проект-координаторка.