Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот писател за деца и млади Киро Донев е годинашен добитник на меѓународната награда „Големиот принц“, што ја доделува издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.

Донев ја добива наградата за својот богат и содржаен книжевен опус, во годината во која прославува 75 години живот и 50 години од своето творештво. Тој е и претседател на клубот на писателите „Ванчо Николески“ при Друштвото на писателите на Македонија. Наградата ќе му биде врачена на првиот меѓународен фестивал за деца и млади „Биди дете“, кој ќе се одржи од 8 до 12 мај за време на одржувањето на Меѓународниот саем на книгата во Скопје. По тој повод во издание на „Феникс“ ќе биде објавена книга со гатанки, како специјално издание за најмладите со поговор од писателот Трајче Кацаров.

Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес како пензионер живее во родното село.

Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“ издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.

Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“.