ВО ПОСЕТА НА ООУ „НЕВЕНА ГЕОРГИЕВА-ДУЊА“ ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА, СКОПЈЕ

Општинското основно училиште „Невена Георгиева-Дуња“, лоцирано во скопската општина Кисела Вода, постои веќе 57 години и од првите часови одржани во барака, донација на француската влада по катастрофалниот земјотрес во Скопје 1963 година, сега едукацијата на учениците се извршува во една од најмодерните училишни згради во земјава, каде што наставата се одвива според најсовремените светски методи.
За успесите и постигнувањата, како и за плановите за во иднина поразговаравме со директорот Хари Стојаноски.
Како прв човек на едно од најуспешните основни училишта во Скопје и пошироко, што би издвоиле како нешто на што сте особено горди во изминатиот период?
– Општинското основно училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода, Скопје, во кое и јас учев, во изминатиот период е во постојан раст и развој. Горди сме на фактот што од година на година постојано се зголемува бројот на запишани ученици.

Така, во учебната 2020/2021 г. се запишаа 91 прваче, и тоа во три целодневни и една класична паралелка. Се бара место повеќе за запишување во училиштето. Ова, пред сѐ, се должи на квалитетот на наставата и посветеноста на наставниците во целиот воспитно-образовен процес. На тоа сум особено горд. Инаку, нашето училиште е добитник на голем број признанија, би ги спомнал наградите добиени на државните, регионалните и општинските натпревари по математика, природни науки, англиски јазик, француски јазик, физика, литература, историја, хорско пеење, кошарка, атлетика…

Во вашето училиште се образовале илјадници деца, а некои станаа врвни стручњаци во својата област. Би издвоиле ли некои од нив?
– Од познатите ученици што учеле кај нас и се познати сега во општеството по својот ангажман би можел да ги спомнам Ристо Пенов (политичар и градоначалник на Скопје), пејачот Мики Јовановски-Џафер, д-р Ивон Величковски, анестезиологот на детска хирургија Донев Љупчо и многу други.

Дали кога го одбележувате Денот на училиштето организирате ликовни, литературни, спортски натпревари и други активности за учениците?
– Патрониот празник на училиштето се одбележува на 6 декември и секоја година се одржуваат голем број манифестации, кои имаат пред сѐ цел низ активностите на учениците да ѝ се оддаде признание на хероината Невена Георгиева-Дуња. Оваа, како и претходната година учениците што се со онлајн настава изработуваат цртежи, литературни творби и видеа во чест на патронот. Претходниот амбасадор на Франција, г. Тимоние, редовно присуствуваше на патронатот, како и градоначалникот на Општината и општинската администрација. Училиштето беше и организатор на централната манифестација на Деновите на франкофонијата во 2019 година.

Ќе ни претставите ли дел од активностите и проектите на кои работевте минатата и оваа учебна година?
– Во училиштето се спроведуваат голем број проекти, проектни и воннаставни активности. „Невена Георгиева-Дуња“ беше е-твининг училиште за периодот 2019/2021 г. Вклучени сме во проектите „Еразмус“, а оваа година единствено нашето училиште од Кисела Вода и Скопје е акредитирано за програмата „Еразмус +“ за 2021-2027 година. Акредитацијата ќе овозможи голем број поволности, како за училиштето така и за наставниците. Исто така аплицираме и добиваме грантови од Фондот за иновации. Во 2019 г. потпишавме меморандум за соработка со ПОУ „Д-р Златан Сремец“, учениците од двете училишта менторирани од наставниците спроведоа заеднички активности и проекти. Соработката продолжува и натаму како ресурсен центар што им помага на основните училишта.

Училиштето има потпишано меморандум за соработка и со „Биотек лаборатории“, кои беа спонзори на сензорна соба за деца со различен спектар на аутизам, компјутери, како и бесплатен тест за ковид-19 за учениците со посебни образовни потреби и за наставниците од училиштето. Во февруари се одржа,,Недела на здравјето“, а гости и предавачи на учениците од прво до трето одделение беа стоматологот Марјан Стојановски, компанијата „Интердентал дооел“, психологот Јасмина Дечков, како и д-р Милена Петровска. Овие гости, секој од својот делокруг на дејноста, зборуваа со учениците и ги едуцираа. Во соработка со РСБС, ОБСЕ во Македонија, Општина Кисела Вода и МВР-СВР сектор за превенција, учениците од второ одделение учествуваа во снимањето спот за безбедност во сообраќајот насловен „Остани безбеден“. Во тек е дигитализацијата на училишната библиотека и поврзување со библиотеките од Македонија и државите на Балканот. Имаме добра соработка и со НУБ „Климент Охридски“, како и со други институции од областа на културата. Ова нека биде можност да им се заблагодарам на сите поединци и компании за сета помош што ни ја даваат.

Со оглед на актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот, веројатно многу екоактивности ќе претрпат измени. Сепак, дали успеавте да организирате некој настан поврзан со хортикултурно уредување на дворот?
– Одбележувањето на значајни светски и национални датуми е одлика на училиштето. Оваа година по повод 21 март, Денот на пролетта, и 22 март, Денот на водата, во нашето училиште се реализираа следните активности: изработка на аквариум, река, езеро, цветови. Учениците напишаа екопораки и плакати за водата и издигнување на свеста за екологијата. Пишуваа песни, цртаа цртежи, твореа на темата „Кога водата би зборувала“, а реализираа и истражувања. Поставивме систем за наводнување со 15 прскалки, посадивме осум фиданки и цветен насад. Со ова ја реализиравме целта целиот училишен двор што е мошне голем да биде наводнуван, како и да се овозможи правилен раст на растенијата.

Во дворот на училиштето се гради и затворен базен, еден од најсовремените во земјава. Дали сте задоволни од постигнатото на тој план?
– Задоволен сум од многу работи што ги направивме заедно со наставниците, стручните соработници, Училишниот одбор и Советот на родители. Решивме навистина горливи проблеми. Училиштето е целосно надворешно осветлено со надворешни рефлектори, поставивме систем за наводнување за одржување на зеленилото, обезбедивме брз и стабилен интернет во секоја училница и десктоп-компјутер за потребите на наставниците. Базенот ќе биде круна на сѐ. Со Агенцијата за млади и спорт и со поддршка на градоначалникот во дел од дворот на „Невена Георгиева-Дуња“ се гради базен каде што учениците ќе учат да пливаат, ќе се изведуваат часови по ФЗО, ќе спортуваат.


Горди сме на фактот што од година на година постојано се зголемува бројот на запишани ученици. Ова, пред сѐ, се должи на квалитетот на наставата и посветеноста на наставниците во целиот воспитно-образовен процес. Секако тука се и големиот број проекти и воннаставни активности, а секако и обрнувањето внимание на соработката со општествено одговорни компании, кои често ни излегуваат во пресрет и нѐ поддржуваат. Она на што сме особено горди е инклузивноста како императив во нашето училиште, вели директорот Хари Стојаноски


ДАВИД ДОНЧЕВСКИ, 6-Б ОДДЕЛЕНИЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЧИЛИШНИОТ ПАРЛАМЕНТ

Почитување на правата на децата

Како претседател на Училишниот парламент, кажи ни што опфаќа твојата програма за оваа учебна година, кои ти се приоритетите?
– Како претседател на Училишниот парламент ќе се залагам за: почитување на правата на децата, мирно и компромисно решавање на ученичките проблеми; издвојување на талентираните ученици и поттикнување на нивно надградување во знаењето; во погорните одделенија организирано претставување на различни професии (од родителите на учениците) што би им помогнало на учениците во изборот на средните училишта и на идната професија; потикнување хуманитарни акции, заедно со преостанатите претседатели на одделенијата, за да ги мотивираме сите ученици да дадат придонес во одредена активност, за да можеме да помогнеме онаму каде што е најпотребно и за екологијата, која ќе ми биде приоритет и во иднина.


КАЛИНА СПИРОСКА, ПЕДАГОГ И ЧЛЕН НА ИНКЛУЗИВНИОТ ТИМ

Прифаќање на учениците со попреченост

Освен што сте педагог на училиштето, вие сте и член на Инклузивниот тим, што е навистина за почит. Што е направено досега на тој план и какви се плановите за во иднина, со што и децата со посебни потреби ќе можат што поуспешно да се вклучат во едукацијата?
– Инклузивниот тим на училиштето се грижи за инклузивните политики и практики на ниво на целото училиште, засновани на различните индивидуални потреби за развој на учениците. За таа цел од материјално-технички аспект, нашето училиште располага со пристапни рампи на сите три влеза од училиштето, лифт, тоалет за учениците со посебни образовни потреби, како и сензорна соба опремена со дидактички средства што се наменети за работа со учениците со аутистичен спектар. Веќе неколку години со поддршка на УНДП и Општина Кисела Вода, на учениците со попреченост им даваме поддршка во секојдневните наставни и воннаставни активности, комуникацијата, социјалната интеракција и грижата за себе, а им помагаат и образовните асистенти. Во нашето училиште посебен акцент е ставен на реализацијата на воннаставните активности каде што се вклучени учениците со попреченост, со што се обезбедува инклузивна училишна клима и поддршка, чувство на припадност, мотив, соработка, самодоверба и самостојност.


М-Р НАТАЛИЈА ДЕЛЕВА, НАСТАВНИЧКА ПО ФРАНЦУСКИ ЈАЗИК И ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА АКТИВОТ НА ЈАЗИЧНО-ОПШТЕСТВЕНА ГРУПА ПРЕДМЕТИ

Техничката опременост овозможува покреативна настава

Ка­ко член на Учи­лиш­ни­от од­бор, мо­же­те ли да ни ка­же­те ка­ко е ор­га­ни­зи­ра­на и ка­ко се ре­а­ли­зи­ра на­ста­ва­та во учи­ли­ште­то во ус­ло­ви на пан­де­ми­ја на ко­ро­на­ви­ру­сот?

– Ро­ди­те­ли­те на уче­ни­ци­те од пр­во до тре­то од­де­ле­ние имаа мож­ност да из­бе­рат ка­ков вид на­ста­ва ќе сле­дат нив­ни­те де­ца (со фи­зич­ко при­сус­тво или он­лајн на­ста­ва). Бро­јот на уче­ни­ци­те во од­де­ле­ние не над­ми­ну­ва 15 уче­ни­ци, со 1,5 ме­тар ди­стан­ца. Учи­ли­ште­то по­све­ту­ва ед­на­кво вни­ма­ние на си­те ка­те­го­рии уче­ни­ци, вклу­чу­вај­ќи ги и де­ца­та со по­себ­ни обра­зов­ни по­тре­би. Ка­ко од­го­вор на по­тре­би­те и ин­те­ре­си­те на оваа ка­те­го­ри­ја уче­ни­ци, на­став­ни­от ка­дар на­пра­ви адап­та­ци­ја на на­став­ни­те пла­но­ви и про­гра­ми, пре­ку изра­бо­тка на ин­ди­ви­ду­а­лен обра­зо­вен план.

Дали установата ја поседува неопходната техничка опременост за онлајн настава?
– ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ подготвено се соочи со новите организациски предизвици во воспитно-образовниот процес. Исто така, навремено ги идентификуваше потребите на наставниците во поглед на опремување со ИТ-опрема за реализација на наставата. Училиштето располага со 10 училници за одделенска настава, 10 училници за предметна настава, библиотека со читалница, трпезарија, наставничка канцеларија, канцеларии за стручната служба (педагог, дефектолог и стручен соработник – библиотекар), работна просторија за стручните активи, сензорна соба, надворешен дел за наставниците и фискултурна сала. Секоја училница располага со училишна табла, компјутер, телевизор (Андроид) и оптички интернет. Имајќи предвид дека ВОП се менува во секој поглед, училиштето е во фаза на обезбедување бели табли, печатари за секоја училница, таблет-компјутери. Со набавка на техничката опрема, наставникот има можност да ја направи наставата покреативна, поинтересна, пофункционална и поразнолика.