НИЗ СТРАНИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА: „Мали детски разговори“, пиеса за деца од Зоран Пејковски

Сцена 2: (Децата се во блискиот парк, некои се седнати во круг, некои од нив стојат. Разговараат за новонастанатата состојба, решавајќи го проблемот да се врати играта на улица, а не да бидат затворени во своите домови и љубоморно да се кријат едни од други. Малите јунаци со својот сериозен детски глас разговараат за исчезнатиот дух на улицата, на играта и на радоста, но тие разговараат и за своите детски вредности, што значи да се биде дете и како да се разбере тоа)

Каранфилко: (Кон сите) Другарчиња мои, сите видовте што можеме ние како деца да направиме. Да ѝ дадеме детска енергија на улицата тука. Ете, умееме да ја претвориме во среќа и радост, тука на улицата да ни биде играта, тука да ѝ дадеме живот, тука и ќе направиме да ни се придружат нашите родители, да заиграат со нас. Татковците да нѐ подучуваат, а мајките да бидат публика, да направат вкусни јадења, па и од фрижидерите да ја изнесат храната, да ни намачкаат парче леб со мармалад, џем, ајвар, и тука сите заедно да го вратиме животот на улицата. (Мала пауза) А и да разберат дека ние ако сме деца, сепак имаме личност и вредиме. (Мала пауза) Јас сум подготвен, дали и вие сте подготвени за тоа.

Сите: (Кон сите) Даааааа!!!
Карфиолка: (Кон сите) Тогаш тоа ќе значи другарчиња наши работата да ја земеме во нашите рачиња и да почнеме клопчето да го одврзуваме како оние мачиња (Покажува кон кошничката со неколку мачиња, кои си играат со клопче волнен конец).
Развигорчо: (Кон сите) Ама треба да видиме како ќе реагираат нашите родители, дали ќе сакаат врева на улицата?!
Ѕвонче: (Кон Развигорчо. Кон сите) Па ние нема да правиме бељи на улицата, едноставно сите ќе си играме надвор, ќе се дружиме. (Мала пауза) Вие машките нема да кршите прозорци со топките, а ние девојчињата ќе си играме женски игри.
Врпка: (Кон сите. Убедливо) Па што, така е. Сите ќе бидеме единствени и нема од што да се плашиме, оти ние нема да правиме никакви штети.

Лимонка: (Прво кон Развигорчо, потоа кон сите. Радосна дека повторно сите ќе бидат заедно) Развигорчо наш, (продолжува да говори во стих)
што те плаши, што те страши, колку наши, колку ваши, колку мои, колку твои, не се брои, не се крои, тоа така или вака, значи сакам, значи сака, и сè вака, и сè така.
Развигорчо: (Кон Лимонка. Кон сите) Добро, ама има стари луѓе, дедовци и баби на кои сето тоа може да им смета. Треба да бидеме тивки, како кога пеперутката нежно на раче ќе слета.

Веселко: (Кон Развигорчо. Кон сите. Исто и тој своето весело име го оправдува со веселото говорење на стиховите)
„…Како ќе се радуваме ако не споделуваме, колку има нема, колку дава, колку зема, што те мами, што те срами, што ти се нуди, колку те чуди…“
Пешкирчо: (Во истото детско весело и среќно расположение веќе се наѕира желбата на сите деца да се вклучат во играта. Продолжува да говори во стих)
Колку здрав, колку болен, не е среќа да си голем, зашто предноста е твоја ете,
што сѐ уште си само дете, и најголема вистина е, ете, дека поубаво нема од дете.
(Сите му ракоплескаат на Пешкирчо. Полека почнува да се враќа вербата на децата во нив себеси, дека се подготвени и можат да направат сѐ за да ги вратат играта и другарувањето меѓу нив, на ничија штета, туку на заемна радост и среќа)
Врпка: (Кон сите. Весело) Не постои дете што би се сомневало во нас, не постои возрасен што не сака на дете да му подаде рака, ние сме тука за целиот свет, оти светот цел е в недоглед.

Карфиолка: (Веднаш кон позитивната и весела енергија меѓу децата се приклучува и таа. Говори во стих)
„…Мирис цветен, жубор летен, крај житна стреа, потоци од смеа, врева врие,
тајни крие, ноќен шепот, ѕвезден трепет, в сон што свети над планети,
многу тајни в светот, ете, поубаво нема од дете.“
Развигорчо: (Веќе убеден дека сѐ ќе биде во ред, а возрасните нема да им се лутат на децата, туку напротив и тие би им се приклучиле со нивното присуство во детските игри. Говори во стих)
„…И кога сѐ би било нај нај,
цветна бура китен мај,
сончевина и убавина
како во рај,
светот сепак тажна сказна
би плетел,
без ведра насмевка
на дете…“


За авторот

Драги мали и големи читатели на „Колибри“, денеска на нашите страници ви го претставуваме писателот Зоран Пејковски. Тој е драмски автор, драматург, поет, прозаист, сценарист, преведувач и публицист. Тој е и академик, почесен амбасадор на мирот и универзитетски професор. И писателот Пејковски, како и многумина од вас, почетоците во литературата ги направил уште во основношколските клупи, а денес е успешен автор со многу книги зад себе меѓу кои драми, поетски збирки, книги со публицистика, учебници, роман, сценско-драмски рецитали, како и писата за деца „Мали детски разговори“, која минатата година ја доби наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.

Интересно е да кажеме дека Пејковски е единствен македонски претставник на литературниот правец натурализам, а и пишува една ретка литературна форма – драма во стихови. За да ги испишеме сите негови книги и сите награди што ги има добиено во Македонија, но и во Франција, Украина, Полска, Белгија, Хрватска, Бугарија, Чувашија ќе ни требаат многу страници, но денеска за вас издвојуваме еден дел од пиесата за деца „Мали детски разговори“ од писателот Зоран Пејковски, кој се надеваме ќе ви се допадне и ќе ве поттикне да ја прочитате целата книга и да си направите ваш театар.