Вообичаено, секој ден, по ручекот, дедо Ивко си имаше „обичај“ малку да си прилегне. Да си се одмори. Особено ако беше празничен, неделен ден.
Но овој пат тоа не се случи!

Едноставно, не ја почувствува истата таа потреба.
И не само тоа. Ништо не можеше да го задржи на едно мeсто. Де ќе се симнеше од подрумот да земе нешто, а се враќаше со празни раце, де ќе влезеше во едната, или другата соба, ќе буричкаше во една или друга фиока на регалите, и се така, речиси цел час по ручекот, а не го „фаќаше“ место….
– Ајде, ајде, не претај како петел по празна плева! – му рече баба Цена. – Знам што ти е маката. Земи си го приборот и додека има уште време, појди каде што си наумил.
– И ќе појдам, да знаеш! – ѝ врати тој. – Ќе појдам зашто со тоа што го рече, за првпат си во право! Кога на некој „наопаку човек“, уште од изгрејсонце ќе му тргнат работите наопаку, не му останува ништо друго. Освен да си го бере чарето што подалеку од дома!

Од овие негови зборови бабата многу не се изненади, ама внучето веднаш го праша:
– Што зборуваш, дедо? Ништо не те разбрав…
– Па, ете, внучко… Малерот уште од вчера ме спотера од баба ти… Првин со зашеќерено кафе ми го загорчи утрото. Потоа, продавачот на весници, не само мене, ами и Бени го изнервира, а и „мелезот“ Буби си пошол на „свадба“ без дозвола. А татко ти првин ни се изнавика на сите и го нападна Стамат без никаква причина, па ниту мачорот, ниту татко ти се вратија на ручек… Згора на сѐ – и сосетката Милка, наместо на баба ти – мене ми се изнавика! Еве, сега, ти стана ли јасно, внучко мој? – дедото „рафално“ му ги наброја „малерозните“ мигови на денот.

Благојче само ги поткрена рамениците без да изусти ниту еден збор. Ама и да сакаше да каже нешто, не ќе можеше, зашто сега бабата, веднаш му „спука“:
– Велиш, господине даскале, наместо тебе – мене требаше Милка да ми вика?! А зошто мене, а не тебе, ако смеам да знам?!
– Затоа што, убава моја, ако Стамат ги има сите задоволства дома, како што чу од почитуваниот колега Лајхаузен за време на радиоемисијата, ако покажеш малку повеќе љубезност кон него, ако не му „крескаш“ при секоја негова мала грешка, ни тој нема да биде навреден и својата лутина и агресивност, нема да ги искажува на други места, односно кај сосетката Милка… Таа е многу потолерантна од тебе, да си знаеш… Ја чу што рече: „Ова е петти пат како ми правиш штета… Ама овој пат нема да му простам! Ќе го дадам на суд!“ Значи, жената ги изгубила нервите дури по петтата пакост што ѝ ја има направено. А ти – ниту еднаш за ништо му немаш прогледано „преку прсти“.

– Браво бре, дедо! Адвокат не ти е рамен! Е, тоа ти се вели одбрана! – одушевено рече Благојче, плеснувајќи со рацете. – Ајде, да пукне! – додаде.
И како спортисти по погодок, плеснаа со рацете.
– Видо го ти, малово! – сега бабата му се нафрли на момчето. – Каков дедо – таков внук… Ајде, губете ми се од дома додека и јас не сум почнала да „пукам“. Оти, ако го сторам тоа – триста Лајхаузеновци не ќе можат да ве „закрпат“!
– Ете, Благојче, каква инспирација ми била потребна, за да се сетам дека што требаше да правиме јас и ти од сега до вечер! – се чукна по челото дедо Ивко, како да се сетил на нешто, кое од којзнае кога го барал. – Земи си го шеширот што ти го купив вчера, јас да го најдам риболовниот прибор и – право кај реката.
– Ав, ав, ав – залаја и Бени.

– Добро, добро… Знам, нема да те заборавиме и тебе! – му одговори дедото.
– Бабо, те молам, види каде сум го ставил шеширот, а јас да си го земам „Дневникот“ – ја замоли Благојче бабата.
– Ќе ти го донесам, не грижи се… Ти гледај само да не го испуштиш тефтерот од раце… Нема на кого да се метнеш…
– Таман работа да личеше на тебе жено! Плукнат си е на дедо!
– Така си е, бабо – ѝ потврди внучето. – Таков си е редот!
За миг, риболовците беа под целосна „опрема“.
Бабата, лута – не лута, пак им истури кофа со вода по нив, за среќа.
– Пссссст! – тивко шепна дедото. – Добро е што нѐ благослови без зборови, инаку – ни во рибарница не ќе најдевме риба!
– Наместо нему Благојче ѝ се обрати на бабата:
– За овој твој благослов бабо, ниту една риба да не уловам – со песна посветена на тебе ќе се вратам, да знаеш!
– Е, баш сакам и тоа чудо да го доживеам! – за првпат се насмеа таа. – Дедо ти пет тефтери поголеми од твојот има напишано, ама ниту еден ред нема посветено на мене досега – му врати.

– Има, има! – ѝ викна дедото. – Само ти никогаш не си сакала да ѕирнеш во моите „чкрабаници“… Потсети ме вечер и – ќе ти прочитам!
– И тебе те држам за збор, стар вампиру! – уште погласно се насмеа старицата, плиснувајќи ги и последните капки вода што беа останале во кофата.
За половина час, нашите риболовци веќе пристигнаа кај реката. Си одбраа добро место, ги подготвија јадиците и…
– Ајде сега внучко, да видам, кому што му донесе благословот на баба ти! – рече дедото….