Какво лето!

Низ страниците на македонската литература за деца:
од книгата „Зоки Поки“ на Оливера Николова

Треба да се запише ова лето. Зашто тоа не беше само обично лето. Тоа беше лето за Зоки.
Го испратија Зоки на летување, сам.
Не ќе верувате?
Зошто не! Го испратија заедно со другите деца од улицата, во една голема група што одеше да летува на езеро. Се разбира, со нив одеа и неколку раководители, но Зоки не се грижеше многу за нив. Нека се грижат тие за него! А ако му е нешто тешко – е, ќе најде тој итрец начин да ги надмудри!
Со родителите и баба му што постојано го бацува, се збогуваа како во сон.
Мислеше на езерото, на бањањето без сапуница, а најмногу мислеше на тоа дека ќе прави сѐ што ќе посака.
И навистина, излезе нешто слично, но не наполно онака како што си замислуваше Зоки Поки.

На пример, можеше да се бања, но само во присуство на раководителот! И тоа ми е нешто – само во плиткото!
Езерото беше убаво, но што кога не можеше да го преплива!
Другарчињата беа добри, креветчињата беа меки, но што вреди кога мораше во одредено време да се станува, да се јаде и да се спие!
О, и со тоа спиење!
Какви неволји!
Но, не заборавете едно: Зоки Поки беше сам, без домашните, а тоа сепак беше нешто!
Од друга страна, пак – немаше кому да му се поплаче, ни кому да му се налути, а потоа му остануваше самиот да си мисли на себе.
Тоа беше и убаво, но и незгодно: ако греши, самиот си е виновен!
Па што да се прави тогаш?
Животот на Зоки Поки му се стори многу тежок.
Сакаше дури и да си оди дома.
Но, помина ден, поминаа и два и работите како да почнаа да се менуваат. Зоки Поки почна да сфаќа нешто многу важно.

Ете на пример, си помисли, раководителите изгледаат строги, затоа што се грижат за децата и се плашат да не им се случи нешто додека се далеку од дома. Што би правеле ние кога би останале сами? Би се бањале… Добро. Но би се бањале цел ден. А многу деца не знаат да пливаат… Е, тука би можело да има непријатности. Гледаш ли? Потоа и би се сончале… и ако тоа не го правиме постепено, како што нѐ учеа родителите, грпчињата ќе ни изгореа. Па и со спиењето: раководителите велат со спиењето децата раснеле… Кој ќе го знае тоа, но ако е така – тогаш е добро. Потоа… што има друго? Да, мораат и целите чинии убаво да с е испразнат…. И тоа е убаво за нас, но здодевно е, треба да се признае. Друго… друго што има?
Мисли Зоки Поки, ги премислува сите подробности од животот овде, па кога така ќе ги разгледа работите, некако полесно му доаѓа. Навистина, има многу непријатни работи, но овде е сепак прекрасно. Треба само да се ужива во сѐ.
И ете така како да почна и летото летување, верувајте Зоки Поки ги пронајде радостите.

Ќе ги отвори очите наутро – трубата свири:
– Трата-ту – трата-ту!
И Зоки си помисли: „Што убаво свири! Каде ќе најдам другпат труба да ме разбудува?“
Потоа трча со другите деца кон чешмите на големата чистинка, се плиска со студена вода, се прска со децата и си мисли: „Еј уживање! Каде го има ова дома!“