Ѓорѓи Вареловски не ја прекина традицијата

Ѓорѓи Вареловски, кавадаречкиот Дедо Мраз, и во услови на пандемија ни во еден миг не се поколеба и не потклекна на убедувањата да ја прекине 23-годишната традиција да го украсува дворот од семејната куќа и да им подарува пакетчиња на дечињата. Во проблематичната 2020-та, кога повеќето од децата беа спречени слободно да си играат, да се дружат со своите другарчиња и да уживаат во безгрижното детство, Вареловски одлучи и на крајот на оваа година да им ја овозможи новогодишната бајка. Прекрасно го уреди и накити дворот, си обезбеди бела брада со затскриена маска и со раширени раце и со насмевка на лицето пречека и даруваше со пакетчиња околу 1.200 дечиња.
Во периодот од 20 декември, па до 2 јануари оваа 2021 година Дедо Мраз во Кавадарци го посетија момчиња и девојчиња од цела Македонија, но најмногу од градот и околината. Сите дисциплинирано со маски на лицата дојдоа заедно со своите родители да ја почувствуваат новогодишната магија, да му ја шепнат новогодишната желба на Дедо Мраз и да се фотографираат со него. Насмевките на нивните лица се неговата најголема награда што му дава сила да продолжи и понатаму заедно со своето семејство, кое несебично и посветено му помага во уредувањето на дворот и пакувањето на новогодишните пакетчиња.

– Јас сум многу горд и среќен што ја продолжувам традицијата. За разлика од претходните години, сега беше потребно да се плати симболична сума за новогодишното пакетче за да можам од собраните средства да ги дарувам децата од социјално загрозени семејства со пакети храна за претстојниот Божиќ, што традиционално го правам повеќе години. Исто така ги посетувам и болните дечиња што се лекуваат на Детското одделение во кавадаречката болница – вели Ѓорѓи Вареловски.
Дедо Мраз и годинава е презадоволен од својата мисија и радоста што им ја подари на децата иако споредено со минатата година кога подели дури 3.000 пакетчиња, годинава бројката беше многу помала поради пандемијата и придржувањето кон мерките за претпазливост.
Тој вели дека децата имале најразновидни желби, како на пример да добијат нов лаптоп, нова кукла, топка и други играчки, па дури и вистински џип или зајак. Едно детенце побарало од Дедо Мраз да му донесе дрон со кој би можело да го снима прекрасниот двор на Дедо Мраз во Кавадарци.


И Дедо Мраз греши

Ита, брза Дедо Мраз во полноќен зимски час… Снеже вее, ветер коси, а тој брза – дарој носи! Моторчето бревта, бучи и наеднаш што се случи?
Низ густата снежна виулица се најде сред улица. А, крај неа знаци и разни сигнали. Еден гасне, друг се пали…
Дедото се збуни, и од чудо зина, па на црвено светло – улицата ја мина!
Можеби не требаше така да биде, но дежурниот полицаец, ете, го виде:
-Стоп! – му рече – Ја претера, дедо! Во овој град, си се знае редот! При ваква грешка кој ќе се фати, прекршочна казна мора да плати!
– Згрешив признавам – старецот му рече. Работата, синко, мора да тече… За грешката, еве, ќе платам нека… Сал слушни ме, те молам – долг пат ме чека… А од сега, ветувам, пријателе драг: таква грешка веќе не ќе сторам пак!
Киро Донев

(Од книгата „Дарко во зоопаркот“)