Стихови за великанот од Васил Мукаетов

На Блаже Конески

Ќе соберам ли смелост,
и одбир на зборот?
А знам
треба искрено и чесно.
Како жените кога
во предвелигденско утро,
ќе си го сметат дворот.

А нашиот двор
е чист, со добра душа.
Од Мисирков до Блаже
еден дамар слушам.

Ех, таа строга
македонска песна.
Судбината сакала
црвена и црна
и нималку лесна.

Со нашиот јазик
столб на секој живот.
Од предците до денес
и врзивно ткиво.

Великанот го внесе
во ризница светска,
нанижан во ѓердан,
и нашиот блесна.

Овој скромен човек
а гениј стамен,
во нашава куќа
вгради темел камен.

Наш. А научник светски
неговата душа – родината цела,
во средбите чести.

За крај и со стих
од неговите дела,
доживеан кај моите
кавадаречки села:

„Го паметам само тиквешкиот говор
на колари пеши крај чкрипливи коли,
само она тивко штурукање во раец
и глас што се моли за далечни боли“.

П.С. Јас сум само писател за деца
Еве ја додавката главна:
Мојава песна ќе биде малку поедноставна.