Неодамна Марија гостуваше и во Ќустендил, Бугарија, каде што ги претстави своите две поетски книги „Сентиментални отпечатоци на времето“ и „Солза“. Беше пречекана како вистинска ѕвезда, а тамошните писатели ја споредија со бугарската поетеса Петра Дубарова

Марија Јанчевска, ученичка во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, тукушто наполни 14 години, а во јуни ќе земе две години во една, осмо и деветто одделение. Тоа личи на неа, бидејќи постојано ѝ недостига време за да направи сѐ што има на ум – да пее во „Златно славејче“, да објавува книги поезија, да биде водителка, глумица, да снима спотови….
Деновиве е снимена песна на нејзини стихови, со наслов „Светот е наша дестинација“. Музиката е на Иван Стоинев композитор од Бугарија, а аранжманот го направи Цане Петров. Во неа Марија им пренесе порака на децата на целиот свет дека без оглед на разликите, љубовта е таа што ги зближува сите.

Неодамна Марија гостуваше и во Ќустендил, Бугарија, каде што ги претстави своите две поетски книги „Сентиментални отпечатоци на времето“ и „Солза“. Поетската вечер на младата поетеса се одржи во галеријата „Владимир Димитров-Мајсторот“ во организација на библиотеката „Добрина“. Наедно е промовирана и песната „Светот е наша дестинација“. Презадоволна од срдечниот пречек и од интересот во тамошните медиуми, Марија ги пренесе своите впечатоци.

– Искрено таков пречек не ни помислував дека ќе ми приредат, но првпат се почувствував како вистинска ѕвезда. Пред галеријата нѐ пречекаа новинарски екипи и камери, кои ни посакаа топло добредојде, нѐ фотографираа и ми зедоа изјави. Галеријата беше полна со луѓе, кои пред и по промоцијата ги запознав, а меѓу нив беа и заменик-градоначалникот на Ќустендил, Светослав Василев, директорот на галеријата Валери Господинов, како и многу писатели, поети, граѓани и гости на градот Ќустендил. Промоцијата помина феноменално, ја водеше Душко Добрев, кој е режисер и глумец и кој ги читаше моите песни преведени на бугарски јазик, а јас го дополнував со читање на други мои песни на нашиот мајчин македонски јазик. Рецензијата на книгите на бугарски ја направи поетесата Светла Радкова, а свој осврт на книгите и на поезијата даде и поетот Махаил Калдрмов. Нивните зборови ми дадоа уште поголем елан и желба за творење, бидејќи бев компарирана со бугарската поетеса Петра Дубарова, па дури и со Данте Алигиери, а мојата поезија како цвет што никогаш нема да свене – ни откри Марија Јанчевска.

По завршувањето на настанот гостите ѝ барале автограми и се фотографирале со неа.
– Впечатоците од моето гостување во Ќустендил се прекрасни, а мислам дека и јас оставив одличен впечаток и достојно ја претставив нашата држава, според она што го прочитав во бугарските весници и интернет-порталите. Би сакала овој настан да биде уште една тула во градењето на добрите односи меѓу Скопје и Ќустендил, меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи како што и на самата промоција кажав, границите само обележуваат територија, а пријателствата меѓу луѓето остануваат засекогаш без разлика каде и на кое место се наоѓаат – ни рече Марија.

Веднаш по промоцијата во Бугарија, Марија заминала за Белград, Србија, каде што во Белиот двор се сретнала со принцот Караѓорѓе, по повод големиот христијански празник Велигден, заедно со други деца, претставници на хорот „Златно славејче“.
Иако, како што рече, деновиве е зафатена со учење, Марија најде време да глуми во драмската претстава снимена за Црвениот крст, чија премиера се одржа на 8 мај, наскоро ќе снима спот во Бугарија за песната „Светот е наша дестинација“, а во план е и гостување во северна Европа и довршување на нејзината трета книга во која ќе се зборува за холокаустот на Евреите.

– Сакам маките на еврејскиот народ и патешествија преку мои зборови да ги ставам на хартија, за да остават трага и да се знае за никогаш и никому повеќе да не му се повторат такви нешта – вели Марија.
Ова талентирано, упорно и вредно девојче е вистински феномен. Досега Марија снимила 96 радиодрами, натсинхронизира телевизиски серии, била дел од 13 претстави, се појави и во последниот спот за песна на Тоше Проески, „Тајно место“, се занимава и со манекенство, а кога ќе најде некој слободен миг слика и црта модни креации.

Покрај сите таленти и активности, таа има голема желба кога ќе порасне да настапува на „Бродвеј“ или во Холивуд.
– Бидејќи сцената, камерата или штиците станаа мој заштитен знак, целта ми е еден ден да заиграм во „Бродвеј“ или во Холивуд, а во меѓувреме сакам да бидам хумана и да направам многу добри дела за моите пријатели, за околината и за луѓето. На крајот упатувам голема благодарност до „Колибри“ и упатувам голем поздрав до сите мои пријатели и другари со пораката: „Учете, читајте и живејте го животот со елан и со полна пареа“ – порачува неуморната Марија. 

 


Светот е наша дестинација

Ние сме на различни страни
А сепак сме деца и добри другари
Светот е наша супер дестинација
Исток Запад Север Југ се наша
релација
Ние сме деца од новата генерација
Ќе го сплотиме светот во една нација црни, жолти, бели
сите сме со исти цели
Радост, љубов и смеа слушнете нѐ,
да нема дилема
Љубовта сите нас нѐ зближи
За да растеме весели и без грижи.

Марија Јанчевска