Надвор ромони ситен дождец. А внатре, во пионерскиот дом – весел џагор.
– И ние да се обидеме – се слуша од некаде гласот на момчињата.
Што ли е тоа што сакаат и тие да се обидат?
– Во ред Иванчо, еве, па обиди се – Неџмија му вели на едно свое другарче и станува од разбојот за ткаење.
– Иванче се обидува да ткае, но невешти се неговите прстиња. По него е на ред Џемаил, Тодорче…

– Ова не е фудбалска топка па да знаете – важно му вели Наџмие.
И навистина, момчињата не се толку снаодливи кога се во прашање преѓа и разбој. Но кој може да ја оспори љубопитноста на момчињата, а особено кога надвор врне и кога е одложен фудбалскиот натпревар.
Во просторијата еден до друг се наредени три разбоја. На нив ткаат Неџмие, Вера и Сузана. Малите ткајачки започнале да ткаат килими, како и нивните мајки што работат во фабриката.
Вредните раце снаодливо и брзо, многу брзо ги преместуваат конците. А од тоа, гледај, расте весело платно.
Конците како ситни игриви ноти ѕунат под прстите.
Ја набљудуваме Неџмие. Во нејзините прсти конецот се преобразува. Конците како од срце да се одвиткуваат… Кликаат со плам, со отчукувањата на срцето. Од разните бои настанува цвеќе и птица.
– Затворете ги прозорците птицата да не излета – шеговито довикува Иванчо, кој се врти околу малите ткајачки.

Неџмие и не обрнува внимание на шеговитите досетки на своето другарче.
– Џемаил, Тодорче, гледајте, конците под прстите на Неџмие се одвиткуваат како птичји црцор – неумолив е Иванчо, кој е и поетски расположен. А девојчето продолжува вешто да ги премоткува конците. Надвор престана да роси. Момчињата излегоа да играат фудбал.
Сега под прстите на Неџмие оживува нова слика – цвеќе. Од белината на ткаенината се појавува љубичица, со жолти топли очи. А Неџмие ја оформува, како да ја обвиткува во мирисот на својата душа. По љубичицата се јавија и други цветови. Црвени, жолти, бели конци се нижат и се претвораат во убава расцветана градина.
И така секој ден по наставата овде доаѓаат девојчињата. Под вредните, радосни прстиња на малите ткајачки што ѕунат како птичји црцор се појавуваат и птица и цвеќе, и сонце, и шума…

Евгенија Шуплинова
Извадок од книгата „Сонце на детските дланки“