Етика за млади

Ние луѓето учиме од исклучителните морални личности чии дела и зборови се квалитетни, етички важни и влијателни. Секој човек треба да го повторува тој идеален пример.
Исус Христос има најзначајно место во историјата, пред сѐ за христијаните, како најраширена религија на светот, кои го сметаат за божји син, богочовек и спасител, а и другите луѓе во светот ги ценат неговите извонредни морални својства, дела и поуки.
Исус Христос е роден на 7 јануари, Божиќ, во првата година пред нашата ера. Од неговото раѓање современиот свет ги мери годините. Во традиционалната хебрејска религија тој го донел духот на љубовта.
Од Христовото живеење и учење ја откриваме смислата на моралот и јасно се претставува најдобрата содржина на етиката. Основата за овој морал е љубовта на Христос, со која се разбудува човековата заинтересираност за светот, за блиските, за својот живот, а го поттикнува да го разбере светот околу себе и суштествата со кои живее.

Најмногу раздвижува токму највисоката љубов што ја покажал Исус Христос – љубовта за сите луѓе. Најзначајниот миг на христијанската религија е Велигден, кога настрадал Исус Христос, потврдувајќи ја својата љубов низ страдањето. Таа жртва покажува дека човекот треба да се воздигне над обичното постоење и да се насочи кон височините што ги насетува.
За христијаните, Христовата жртва е клучен религиозен факт и едно од највисоките етички дела во човековата историја. Настојувањето кон доброто е свето човеково дело, а негирањето и избегнувањето на злото се негова задача. Дури и божјиот син може да страда од човекова омраза, завист и злодејство. Човештвото го осуди и распна како злосторник најдобриот меѓу луѓето, оној што со своите дела и пораки зборувал за трпеливоста и љубовта.
Жртвата на Исус Христос е највеличествен етички пример во историјата.
Христос постојано зборувал за љубовта и покажал дека со својата доблест може да најдеме решение и спас. Тој им го посочувал на луѓето патот кон исправен живот и избавување.


Етичка мисла

Љуби го ближниот свој како самиот себе!

Исус Христос