Порака за мир и апел против употреба на нуклеарното оружје, во петокот испратија неколкумина поборници за мир, заедно со уметникот хуманист Живко Поповски-Цветин.
На 6 август 1945 години беа употребени атомски бомби над Хирошима, а на 9 август врз Нагасаки, Јапонија, кога загинале 226.000 луѓе, од кои повеќето биле цивили. За среќа, ова е единствената употреба на нуклеарно оружје во оружен судир.
Во спомен на тој кобен ден за човештвото, пораката за мир беше испратена од паркот во скопската населба Капиштец, од страна на уметникот Цветин, професорот Насер Мифтари, интернационалниот шаховски мајстор Димитар Илиевски, новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго, професорката по македонски јазик Маја Поповска, пензионерка Олга Поповска, но и најмалиот и најважен член, четиригодишниот Марко Поповски и неколку негови другарчиња.
Беа пуштени и пет балони со пораки за мир, а Цветин изрецитира песна од турскиот поет Јалвач Урал, во која се вели: „Светот е една голема топка на малечките, сакам да кажам, децата со неа убаво си играат, а возрасните ми се чини еден ден оваа голема топка ќе ја пукнат“.
Тој рече дека со овој чин ги поздравува и спортистите што учествуваат на Летната олимпијада во Токио, која заврши во неделата, нагласувајќи дека спортот е мост за зближување на сите народи и своевиден апел за мир.