Онлајн летна школа за децата од дијаспората на м-р Аниса Трпчевска и на Ана Смилевска

За големиот Крсте Петков Мисирков, кој ги постави основите на македонскиот литературен јазик, љубовта и почитта кон нашиот јазик е наш долг и наше право. „Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни….“, говорел тој. Тоа чувство особено треба да се негува меѓу нашинците во дијаспората, за кои токму јазикот е нишката што нив и нивните семејства ги поврзува со татковината.

Но од друга страна, чувството на припадност и посакуваност кон сопствената држава расте пропорционално со грижата на татковината кон потребите на дијаспората. Потребата за поврзување со личните корени и етникумот кон кој припаѓаме, неминовно започнува со познавањето на сопствениот мајчин јазик. Мајчиниот јазик е најсилната нишка преку која нашата дијаспора низ целиот свет се обидува да не го изгуби контактот со сопствените корени. Токму од овие причини Агенцијата за иселеништво водена од оваа насушна потреба за зачувување на македонскиот идентитет, надвор од рамките на матичната земја, секоја година организира летна школа во времетраење од една недела.

Поради моменталната светска здравствена ситуација, поради пандемијата на коронавирусот, сите планирани настани за оваа година се одложени. Поради оваа ситуација, планираната летна школа за децата од дијаспората се реализира онлајн. Часовите ги држат двете професорки по македонски јазик, кои ја одржуваат дополнителната настава на македонски во СР Германија, м-р Аниса Трпчевска и Ана Смилевска.

Аниса е професорка за реализација на дополнителна настава на македонски јазик во Хамбург, Хановер, Нордерштед и околината, а Смилевска е професорка по македонски јазик за реализација на дополнителна настава на македонски јазик во Берлин и околината.
– Изненадени сме од големиот интерес. Имаме ученици речиси од целиот свет: Австралија, Америка, Австрија, Холандија, Франција, Германија, Србија, како и од други земји. Нашите е-пошти се преполни од нови барања за вклучување во наставата. Мотивацијата е толку голема што поради временските разлики со другите континенти, учениците стануваат и на полноќ, само за да бидат присутни на овие часови. Оваа иницијатива, која започна срамежливо, сега со сигурност може да се каже дека е успешна. Истовремено, покрај благодарноста до нашите ученици – за нивната мотивираност, љубов и посветеност да го учат мајчиниот јазик, упатуваме благодарност и до нивните родители – за нивното препознавање на онаа насушна потреба да се биде во допир со националниот идентитет, без што немаме комплетно самоосвестена личност, а кое, пак, се постигнува, преку познавањето на мајчиниот јазик, единствениот јазик што ја има таа моќ да ја гали душата и да го топли срцето. Секако и до Агенцијата за иселеништво, под чие покровителство се реализираа овие часови, упатуваме огромна благодарност и до другите наши учесници, без кои оваа настава ќе ја немаше онаа убавина како сега – велат Аниса Трпчевска и Ана Смилевска.


Оваа иницијатива на Агенцијата за иселеништво, која започна срамежливо, сега е повеќе од успешна. Истовремено, покрај благодарноста до нашите ученици за нивната мотивираност, љубов и посветеност да го учат мајчиниот јазик, упатуваме благодарност и до нивните родители, за нивното препознавање на онаа насушна потреба да се биде во допир со националниот идентитет, без што немаме комплетно самоосвестена личност, велат Трпчевска и Смилевска

Тие ни открија и со кои содржини ова лето се обиделе да им го задржат вниманието на младите од цела Европа и пошироко, кои имаат желба потемелно да го изучуваат македонскиот јазик.
– За богатите и интересни содржини на часовите се погрижија голем број креативци. Националната галерија и нејзината едукаторка, Маја Димитрова, која во соработка со Агнеса Чаволи, им овозможи на учениците да влезат во просториите на Националната галерија, да ја слушнат легендата за „Чифте-амам“ и да слушнат и да видат дел од ликовните изработки на наши еминентни сликари. Речиси за сите ученици ова беше првпат да имаат можност да се запознаат и да ја видат Националната галерија, како и дел од нашиот главен град, Скопје. Исто така Анета Качуркова, како поранешна членка на тинејџерската група „П.С“, им ја раскажа својата лична неверојатна приказна, за тоа како еден детски сон стана реалност. Како професорка на Музичката академија во Париз, таа заедно со нив отпеа дел од нејзиниот репертоар, притоа мотивирајќи еден ученик да ни ја отсвири на хармоника „Македонско девојче“. Притоа, неминовни беа и пеењето на македонската химна и запознавањето и цртањето на македонскиот грб и знаме – вели Аниса Трпчевска.

Ана Смилевска дополни дека Радмила Радевска-Исковска (Филиграни срма) – како самоука изработувачка на филигран, на учениците на онлајн школата им раскажала како една идеја станува реалност, кога сме упорни и имаме желба.
– Им беше презентиран и дел од нејзините изработки, при што, Радмила нѐ информира дека мотивот на пеперугата е најбаран. Благодарение на изработките на Радмила, учениците се запознаа со дел од старите занаети, чија убавина повторно се враќа во мода. Исто така професорката Орнела Милевиќ и дел од нејзините ученици од ОУ „Гоце Делчев“ на еден од часовите нѐ почестија со своето гостување за меѓусебно запознавање со надеж за идни проектни активности во насока на подобрување на јазичните компетенции – дополни Смилевска.
Наставничките посочија дека нивната работа изобилува со предизвици, чија тежина е неоспорна.

– За да можеме да опфатиме што повеќе градови, ние патуваме и по 300 километри во еден ден. Замислите си да одите од Скопје до Охрид, да одржите настава и истиот ден да се вратите во Скопје. Љубовта, професионализмот, како и силната мотивација се наши двигатели во оваа наша возвишена задача. Да се биде просветител во 21 век е тешка но достоинствена професија, чија вредност ја знаат само оние што ја извршуваат, како и нашите ученици. Ваквите настани навистина треба да бидат што повеќе застапени и наше лично мислење е дека е време да се отворат уште многу нови училишта. Овој настан е непобитен доказ за силната потреба од изучување на македонскиот јазик од страна на младите поколенија Македонци, чии семејства живеат во странство – изјавија со насмевка м-р Аниса Трпчевска и Ана Смилевска.