Освен што изработува мозаици, Илија црта, слика, пишува поезија, учествува во јавниот живот на своето родно Вевчани. Сепак, во иднина тој се гледа како успешен кардиохирург

Шеснаесетгодишниот Илија Пешиноски од Вевчани има интересно хоби, прави уникатни мозаици од пченка и од други житни култури. Овој шеснаесетгодишник, ученик во втора година во средното општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, здравствена струка, уште од најрана возраст се истакнувал со својот талент за цртање, но и за пишување.
Како ученик во основното училиште „Страшо Пинџур“ во родното Вевчани, каде што беше меѓу најдобрите, ги направи своите први слики, колажи и мозаици, кои сѐ уште ги красат ѕидовите на училиштето. Нешто подоцна ја издаде и својата прва книга, стихозбирката „Вевчанска рапсодија“. Иако е доста ангажиран на училиште, каде што исто така ниже успеси и освојува награди, ете, неуморниот Илија наоѓа време да ја изрази и својата креативност, а плод на неговиот ангажман се неговите најнови дела, три мозаици.

– Желбата да создавам вакви необични дела најпрво добив кога имав 14 години. Никој не се занимаваше со изработка на мозаици од пченка и од житни култури, па посакав да бидам поразличен од другите. Главно се инспирирам од убавините на нашата Македонија и од моето родно Вевчани. Изработката на мозаиците се одвиваше чекор по чекор, а материјалите ги добивав од мојата тетка. Како и досега во сѐ што правам, имав доста поддршка од моите родители, кои понекогаш ми даваа свои предлози за нови дела – вели неуморниот Илија Пешиноски.
Тој дополни дека сѐ уште не размислувал да организира изложба на која би ги претставил своите мозаици, но доколку, сепак, дојде до тоа, посакува таа да се случи во Вевчани. Серијата на неговите ракотворби ја наслови „Цело е кога има сѐ“.
– Мозаиците се со димензии: „Пеперутка“ – 80×80, „Македонско знаме“ – 31×31 и „Велигденско јајце“ – 32х32 сантиметри. Има и заинтересирани да ги купат моите дела или да им направам нови, но сѐ уште не сум размислувал за тоа. Просечното време што ми е потребно за изработка на еден мозаик во домашната работилница е една недела – објаснува Илија.

За неуморниот Илија Пешиноски
секогаш има време за креативност

Освен што изработува мозаици, Илија продолжи и со цртање и сликање, а секако и со пишување песни.
Сепак, во иднина тој се гледа како лекар, бидејќи смета дека медицината е благородна и хумана наука.
– Мојата иднина ја гледам во медицината како иден кардиохирург и токму затоа воодушевен сум од последниот подвиг на македонските лекари, успешното пресадување срце, првпат во нашата земја. Би сакал и самиот да придонесам за унапредување на медицината кај нас, а секако ѕвезда водилка секогаш ќе ми биде да им помагам на луѓето – ни рече ова амбициозно момче, кое барем досега сѐ што ќе замисли и реализира.