Ново списание за деца

Организацијата „Слоу фуд Македонија“ пред крајот на 2020 година го создаде своето најмало чедо – списанието за училишните активности, насловено „Полжавче“.
Тоа им се обраќа на наставниците, на координаторите на училишните градини, на сите оние што веруваат во мисијата и во важноста на училишните активности на „Слоу фуд Македонија“, на родителите и на сите оние на кои им е важна среќата на децата, па оттука на еден или на друг начин, директно или индиректно „Полжавче“ постои за иднината на овој свет – за децата – пишува во поздравното обраќање уредникот Филип Димкоски.
Списанието е квалитетно отпечатено во мал бој примероци, но има и негова електронска верзија веќе достапна на страницата: slowfood.mk
Првиот број донесува честитки од новинарите, јавните личности и соработниците, информации за создавањето и опстојувањето на десетте училишни градини во училиштата во Скопје и околината, како и информации за преземените активности за новите десет градини што напролет ќе „никнат“ во Пелагонискиот Регион. Свои прилози испратија и меѓународните соработници од Италија, Романија и од Африка.

Тука се и колумните и статиите на универзитетски професори, научници, наставници, педагози, психолози, земјоделски инженери… Сѐ на сѐ богати четириесет и шест страници исполнети со многу едукативни, информативни и забавни материјали, но и фотографии и боенка.
– Наспроти сѐ брзо што ни се случува во светот, нашето полжавче е бавно, но токму поради тоа успева на вистински начин да ги осознае работите и да ужива во благодатите на животот. Затоа нашето полжавче е среќно и токму тоа ќе ве води низ интересните содржини. Полека, смирено, посветено и сконцентрирано – вели Димкоски.
Првото издание на „Полжавче“, списанието за училишните активности на „Слоу фуд Македонија“, е реализирано во рамките на проектот „Зелен полигон за едукација, алатка за јакнење на еколошката свест“, кој го реализира „Слоу фуд Водно, Скопје“ финансиски поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмата за инвестирање во животната средина за 2020 година.
Предвидено е списанието „Полжавче“ да излегува двапати годишно.