Издавачката куќа „Феникс“ на својот сајт www.feniks.net.mk отвори
специјален едукативен и креативен портал, наречен Креативна домашна работилница.
Во услови на изнудена и привремена изолација, сите граѓани, и млади и возрасни, ќе имаат дополнителен простор за читање и следење, но и за комуникација и соработка со свои прилози преку мејлот [email protected]

– Драги деца, ова е простор за делови од нашите изданија, но и за голем број нови прилози: песни, раскази, цртежи, илустрации, гатанки, поговорки, прашања, одговори, совети, идеи… Другарувајте со нас и со ова наше креативно и едукативно катче, кое ќе биде отворено за вас и по завршувањето на оваа несакана и непредвидлива ситуација – велат од „Феникс“.

Во рамките на креативната домашна работилница ќе бидат вклучени голем број писатели и други творци, а од нивните прилози наесен се планира да биде објавено и печатено едукативно и креативно издание во вид на посебна и специјална публикација.