На 46-те Септемвриски извиднички средби што викендов се одржаа во Кичево, чиј домаќин и организатор беше локалниот извиднички одред „Мирко Милески“, учествуваа 120 извидници од повеќе клубови од земјава. Во трите категории најуспешни беа извидниците од „Феникс“ – Прилеп и од Првиот скопски извиднички одред.

– Учесници на средбите беа извидничките одреди: „Галеб“, Првиот скопски извиднички одред, извидничко-поречанскиот одред „Јадран“, ИО „Феникс“ -Прилеп, извидничко-езерскиот одред „Охрид“ од Охрид, а гости ни беа извидници од Битола. Според возраста, 120-те учесници беа поделени во три категории: од 7 до 11 години, од 12 до 15 и од 15 до 18 години. Се натпреваруваа во ориентација, шаторизација и забавни игри – истакна Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“.
Според него, на Септемвриски извиднички средби сите екипи го дале својот максимум, но според резултатите остварени во натпреварите, најмногу се истакнале извидниците од Прилеп и од Скопје.

– Најуспешен беше Првиот скопски извиднички одред, чии членови ги освоија првите три места во екипна конкуренција, па, така, екипата на „Лузери“ го освои првото место, второто место им припадна на нивните клупски колеги „Коприви“, а на трето место се пласираа нивните колеги од екипата „Виршли“. Во категоријата истражувачи трите први места им припаднаа на извидниците од одредот „Феникс“ од Прилеп, а најдобри беа членовите на АРМ во состав Петар Ацески, Иле Наумоски, Антонио Арапчески и Игор Џајкоски, кои ни потврдија дека за овие средби се подготвувале околу 10 дена.

Во категоријата извидници повторно извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп го освои првото место, чија екипа „Појма немам“ се искачи највисоко на пиедесталот. Второто место им припадна на претставниците на Првиот скопски извиднички одред, а третото место е за извидниците од поречанско-извидничкиот одред – „Галеб“- истакна Дејан Ѓурчески од извидничкиот одред што беше домаќин на средбите „Мирко Милески“ од Кичево.