На петти октомври, по повод Светскиот ден на учителот, во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа свечена академија на која им беа врачени наградите на најдобрите просветни работници за учeбната 2017/2018 година.

Настанот почна со читање на „Ода за учителот“ напишана од писателот и универзитетски професор Венко Андоновски, а на присутните им се обрати и претседателката на Сојузот на просветните работници на Македонија, Лидија Николовска Георгиевска. Просветни работници на годината се м-р Лидија Михајловска, педагог во ОСТУ „Наце Буѓони“ – Куманово, м-р Љупка Стојменова, професорка во ООУ „Никола Карев“ – Кочани, Сузана Николоска, професорка во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ – Прилеп, Фатиме Алии, професорка во ООУ „Живко Брајковски“ – Скопје, Гордана Угриновска, професорка во ООУ „Елпида Караманди“ – Битола и м-р Раде Илиевски, професор во ООУ „Рајко Жинзифов“ – Скопје.

Во пригодната културно-уметничка програма настапија учениците: Ана Љубиќ од средното училиште „Наце Буѓони“, Елиза Муслиу и Аулона Камбери од средното училиште „Само Фрашери“, Мила Цветковска од основното училиште „Толи Зордумис“, членовите на студиото за модерен балет „Мак“ од Куманово и ученици од гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово. Ф.Д.