Книгите за деца „Игра со именки“ и „Игра со глаголи“ од Оливија Георгиевска, со илустрации од Ивана Јовановска, беа промовирани неодамна во книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија, во центарот на Скопје. Сликовниците, кои се дел од едицијата „Сезнајковци“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, го откриваат игривиот свет на именките и на глаголите.

На промоцијата, авторката Георгиевска изјави дека овие книги се наменети за децата, но и за нивните родители и за наставниците. Од нив родителите може да им читаат на децата пред спиење, а на наставниците ќе им олесни за време на училишните часови. Овие изданија ќе им помогнат и на нашите деца во дијаспората, да го одржат контактот со македонскиот јазик и со граматиката.

– Целта на книгите е лесно совладување на граматиката, која може да биде многу „математичка“ и здодевна. Нашата граматика е комплексна, некои работи доста тешко се учат и применуваат. Предавајќи им на странци, сфатив колку има сложен костур и колку може да биде непредвидлива, на пример – множините на именките во машки род. Првата книга од овој серијал, „Игра со именки“, ја опишува основата на овие менливи зборови – тоа ви е како да сте влегле во рудникот, но сѐ уште го гледате излезот. Именките се нацртани и оформени, покажуваат што опфаќаат, а во книгата тие зборови се посебно обележани за да се издвојуваат од преостанатите.

Така книгата на неколку начини ја посочува својата функција – преку цртежите на именките, преку нивното римување и преку нивното истакнување како зборови во текстот. Втората книга „Игра со глаголи“, пак, е замислена како еден ден во животот на Љубена и Огнен. Станување, подготвување, одење на училиште, играње со другарчињата, доаѓање дома и помагање околу ручекот, живеење во хармонично семејство и најпосле денот завршува и утре повторно сѐ од почеток. Ова издание има повеќе намени. Освен зборувањето за глаголите, кои покажуваат разни форми, книгата опишува и на некој начин ги воведува децата во нивното право да учат, да се дружат, да бидат одговорни, да помагаат, да бидат љубопитни, да спортуваат… сето она што во нашата цивилизација се смета за безгрижно детство – рече Георгиевска.

Разиграните стихови на Георгиевска одлично се дополнети со шарените илустрации од Јовановска.