Децата најмногу го сакаат учењето низ игра и затоа треба да го поддржуваме, да го поттикнуваме и да го негуваме

Играта е неопходна за нормално и здраво растење на децата. Таа има важна улога во нивниот интелектуален развој, но и во стекнувањето на првите работни навики. Преку игра децата може да се стекнат со социјални вештини и да развијат когнитивни способности. Играта е основа и за развивање на естетскиот вкус кај децата.
Кога детето си игра со играчките се запознава со облици, бои, големини, го открива составот на предметите. Во играта децата учат брзо да се снаоѓаат во нови ситуации, да реагираат, да смислат постапка и решение на некои проблеми.
Колку и да изгледа тешко учењето за малите деца, тоа може да биде едноставно и интересно. Да се задржи нивното внимание, особено кога станува збор за стекнување нови знаења, е тешко за наставникот или за родителот, доколку станува збор за деца од предучилишна возраст.

Секој родител треба да знае што најмногу го интересира неговото дете, а потоа преку игра да му помогне полесно да ги совладува знаењата.
Секогаш има интересни начини како да се совлада некоја, навидум потешка тема. На пример, собирањето на играчките може да послужи за учење на броевите, а нивното групирање за да се совладаат формите, боите, материјалите.
Особено е тешко кога децата ги учат буквите.

Наставникот е тука правилно да го научи детето како се пишуваат тие, а вие како родител дома играјте си вежбање. Добар пример е да наредите неколку играчки на масата и да му кажете на детето да ја препознае играчката што почнува на буквата што сакате да проверите дали ја знае.

Друштвените игри како „Не лути се човеку“, „Ризик“, „Монопол“ се стара, но секогаш добра идеја за учење, играње и поминување прекрасно време со вашето дете.
Во секој случај вие родителите мора да најдете слободно време за игра со своите деца. А овие денови што ги минуваме во изолација се идеални за тоа. Направете амбиент децата да бидат ваши рамноправни партнери, креативни и инвентивни и сето тоа додека си играте со нив.

Не треба да заборавите дека играта има огромно значење за животот на вашите деца и затоа треба да ја поддржувате, да ја поттикнувате и да ја негувате. Никогаш не заборавајте дека таа е една од патеките на детството, која нѐ води во животот.


Не лути се, детенце!

Ако правилно се избере играта, таа придонесува за збогатување на моралната страна на личноста. Децата преку игра учат дека мора да бидат чесни, искрени, да умеат да губат и притоа да не се лутат.
Играта ги учи децата да прифаќаат и да усвојуваат позитивни морални квалитети, а да ги отфрлуваат љубомората и омразата.

М-р Катерина Спасовска Трпковска