Се надеваме дека оваа приказна, оваа онлајн авантура за нашата позитивна работа и во ова време на учење на далечина ќе ги поттикне и другите да прават вакви и слични активности со децата заради одржување на контактите, социјализација, градење и развивање вистински вредности кај учениците, велат учесниците во проектот, наставничката Александра Гаџоска и училишниот психолог Елизабета Ивановиќ

Учениците од 5-б одделение од ООУ „Ј.А. Коменски“ од Скопје ја создадоа книгата „Другарството е предизвик“

Во рамките на активностите за зајакнување на демократската клима во училиштата, во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје од 22 до 26 март ќе се реализира онлајн отворен ден за граѓанско образование. Предвидено е токму тогаш да бидат презентирани активностите и акциите што ги презеле учениците во текот на учебната година пред родители, ученици, наставници, гости од локалната заедница, од Бирото за образование и други институции, а ќе бидат поканети и пријатели и соработници на училиштето. Во текот на овие онлајн настани ќе биде претставена и книгата „Другарството е предизвик“, која ја изработија учениците од 5-б одделение заедно со својата одделенска раководителка, наставничката Александра Гаџоска.
За значењето на овој проект за училиштето, а секако и за директно вклучените во неговата реализација зборуваше и психологот на училиштето, Елизабета Ивановиќ.
– Низ оваа авантура се втурнавме сите смело, беше прекрасно да сме дел од неа, да другаруваме, да се смееме, да се почитуваме, да учиме и да растеме заедно.

Се надевам дека оваа приказна, оваа наша онлајн авантура за нашата позитивна работа и во ова време на учење на далечина ќе ги поттикне и другите да прават вакви и слични активности со децата заради одржување на контактите, социјализација, градење и развивање вистински вредности кај учениците. Оваа и претходната учебна година ја карактеризираа состојби со кои сите го променивме целокупниот начин на живот и комуникација, како и начинот на учење и дружење. Но учениците од 5-б и нивната одделенска раководителка Александра Гаџоска ни покажуваат како и во ова време можеме да се дружиме и да учиме заедно. Тие го претворија онлајн предизвикот преку учење на далечина во една разиграна приказна за другарството и што значи за нив тоа. Низ разиграните страници на оваа книга ќе се потсетиме на вистинското другарство и на вистинските вредности што треба да ги негуваме од најмала возраст – вели Ивановиќ.
Реализацијата на проектот е во корелација со совладување на едукативниот материјал по Македонски јазик, Ликовна уметност, совладување на компјутерските вештини и основите на програмирање.
Истражување и творење на темата „Другарството е предизвик“ за Александра Гаџоска било едно убаво искуство, со кое петтоодделенците докажале и покажале дека со многу труд, љубов и посветеност и од најчудните околности може да се извлече максимум.

– Нема ништо позначајно од тоа кога одделенскиот раководител на пиедестал ќе постави нешто толку вредно за развојот на децата, а тоа е другарството. А зошто, ќе речете? Затоа што училишниот период, а особено во одделенската настава, е вистинско време за апострофирање на вистинските вредности. Емпатичност, помагање, хуманост, соработка, почитување, дружење, разбирање, простување, развивање љубов едни кон други, тие се животни вистини што се безвремени и универзални. Токму за нив зборува ова мало, но вредно дело направено од детските раце, на прекрасните учениците во 5-б одделение при ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје. Изобилство од искрени детски чувства што ги обземаат и ги носат во светот на другарството – чудесна палета од емоции, радост и исполнетост – посочи наставничката Александра.
За Гаџоска, оригиналните изработки на ликовни и литературни творби во прекрасниот колорит на современата технологија, која е искористена до максимум во текот на оваа онлајн настава или учење од далечина, е доказ дека другарството се негува и понатаму. Оти невидлива врска ги сплотила засекогаш овие детски срца.
– Социјалната комуникација е многу важна и придонесува за развојот на многу социјални вештини. На тој начин детето учи да комуницира со другите, да биде не само човечко суштество туку и духовно развиена личност со широки погледи, а сето тоа е претставено со овие нежни, детски, сплотени рачиња и нивните чисти детски срца, полни со љубов. Мојата цел, како одделенска раководителка, беше да им го пренесам животниот здив, заедно да дишеме сите како еден човек, да грееме како едно сонце, заедно да бидеме пример што ќе биде предизвик за другите – вели Гаџоска.

Од фотографиите и од дел од творбите можете и самите да се уверите со колкава страст децата се посветиле на реализирањето на оваа уникатна книшка, која ќе остане како сведоштво за тоа дека физичката ограниченост може да се надмине со огромна желба и искреност да се допре до недопреното, да се каже некажаното и да се нацрта ненацртаното.


Другарство

Другарството е богатство
Другарството е предизвик
Другарството е нешто најважно.
Можеби другарството има многу имиња
Марко, Дарио, Лана, Ива.
Но другарството сигурно го има.
Истото насмеано лице, весели очи
и добро срце.

Александар Бозаџиев