Фестивалската ретроспектива под ведро небо, која се одржа во неделата, е само почеток на одбележувањето на 50-годишнината на најстариот и најзначаен детски фестивал во земјава. Се подготвуваат уште многу интересни средби со славејчињата во текот на оваа славеничка година, вели Бобан Јосифовски

ЈУБИЛЕИ – 50 години се разлева песната на реномираната детска манифестација

Додатокот за деца „Колибри“ излегува веќе 61 година, како дел од весникот „Нова Македонија“, па затоа летот на „Златното славејче“ го следи од неговите почетоци на своите страници. Пред цели 50 години творците на оваа реномирана детска манифестација: Благоја Јордановски, тогашен секретар на Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје, поетот Васил Пујовски и композиторот Александар Џамбазов одлучиле своите идеи и планови за создавање детски фестивал да почнат да ги реализираат, на радост на децата. Фестивалот првпат се одржал на 23 мај 1971 година во Драмскиот театар во Скопје.
Како се сеќава на тие денови маестро Александар Џамбазов, кој многу години бил и уметнички директор на фестивалот.
– Првите два фестивала немавме хор, иако „Развигорче“ веќе постоеше. Но кога Запро Запров го презеде хорот во 1974 година, оттогаш тој стана составен дел на „Славејчето“ и има огромен придонес за успехот на фестивалот. Ако тогаш на „Развигорче“ му беше чест да настапува на „Златно славејче“, денес нам ни е чест што овој хор беше дел од целиот тој спектакл – се сети Александар Џамбазов на првите фестивали, кога се пеело во живо со хор и со оркестар.

И од тоа прво фестивалско издание, кога биле изведени 25 композиции, а меѓу учесниците биле и Игор Џамбазов и Баже Маротов, досега се снимени, верувале или не, над 1.000 песнички за деца, а некои од нив сѐ уште живеат и се слушаат.
Некои од нив, како химната на фестивалот: „За сите деца“, „Роденденска“, „Дувна ветре развигорче“, „Никола, Никола“, „Ех, тој Тоше“, „Рингишпил“, „Ах, тој крокодил“, „Кап кап“, „Може ли“… ги слушнавме во неделата, на големиот концерт под ведро небо, на платото пред СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што сегашните и некогашните славејчиња нѐ потсетија на најголемите успеси на фестивалот, а децата, но и нивните родители ги потпевнуваа познатите рефрени.
Поради големиот интерес и заради почитување на мерките за безбедност поради актуелната пандемија на коронавирусот, не можеа сите да влезат во оградениот простор, па затоа и надвор имаше речиси исто толку родители и деца што уживаа во ова роденденско издание.
„Златно славејче“ е познато по тоа што од почетоците, па досега води сметка за едукативниот карактер на текстовите, кои мораат да задоволуваат одредени стандарди. Па ако најдобрите композитори ја пишувале музиката, најпознатите писатели за деца пишувале песни за „Славејчето“, а меѓу нив е и Перо Миленкоски, познатиот писател за деца, кој многу години беше и уредник на „Колибри“.

Тој напишал осумдесет текста за песнички што биле изведени на фестивалот.
– Во текот на мојот творечки ангажман имав две големи љубови, „Колибри“ и „Златно славејче“, и двете посветени на децата, на нивното растење и воспитување. Драго ми е што фестивалот со чии песни израснаа многу деца го дочека златниот јубилеј. Од срце му посакувам уште многу успешни години – ни рече писателот Перо Миленкоски.
На фестивалот своите први настапи ги имаа голем број македонски музички ѕвезди, како: Калиопи, Тоше Проески, Влатко Илиевски, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева…
И близнаците Мартин и Стефан Филиповски, денес попознати како дуото „Некст тајм“, исто така биле дел од „Златно славејче“ и во далечната 1996 година ја испеале песната „Фудбалер и кошаркар“.
Тие на неделната ретроспектива на најголемите хитови на фестивалот се потсетија на своето учество, додека на видеобимот одеше снимката од нивниот настап на фестивалот.

Ги слушнавме и Александар Митевски и Бени Шакири со „Песна за Скопје“, Давид Темелков исто се посети на своето учество на „Славејчето“, а познатиот композитор Ристо Самарџиев, кој напишал многу песнички, меѓу кои е и „Кап, кап“, која верувале или не има шест милиони прегледи на Јутјуб, рече дека „Златно славејче“ е многу повеќе од детски фестивал и затоа мора да се чува и да се негува, за да можат со него да растат уште многу генерации во иднина. Интересно е дека и неговите две ќерки, сега успешни млади жени, своевремено биле дел од оваа реномирана детска манифестација, а традицијата најверојатно ќе ја продолжат внучињата.
Од 1994 година, директор на манифестацијата „Златно славејче“ е Бобан Јосифовски, кој е прв човек на Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје веќе 26 години.
– Денешниот фестивал под ведро небо е само почеток на одбележувањето на 50-годишнината на најстариот и најзначаен детски фестивал во земјава – рече тој.
Јосифоски дополни дека се подготвуваат уште многу интересни средби со славејчињата во текот на оваа славеничка година.

– На 23 мај идната година ќе се одржи и свечена академија, токму на денот кога почна оваа успешна музичка приказна, во која децата уживаат веќе половина век. Ќе има и цеде, дивиди и уште многу изненадувања – ни откри дел од плановите за одбележување на јубилејот Јосифовски.
Фестивалот го снимаа камерите на телевизијата 24 вести, а водител и годинава беше Марко Невевски, кој на вистински начин цело време ги анимираше децата, кои гласно одговараа на сите негови прашања.
– Малку ме загрижува тоа што на 100-годишнината на „Златно славејче“ јас ќе имам 90 години – се пошегува тој.
Хуманитарецот Живко Поповски Цветин, пак, за јубилејот подари своја цветна честитка.
На социјалните мрежи по неделниот концерт со песните на славејчињата, исто така, можат да се прочитаат и многу искрени честитки за јубилејот. Меѓу нив е и оваа што ја напиша писателката за деца Ксенија Маказлиева Трајчева:
„Среќен јубилеј, нека се множат уште многу фестивали и златни спомени на сите дечиња што имале привилегија да бидат златни славејчиња“!