Ексклузивно ви откриваме дел од новата книга за деца на Славе Ѓорѓо Димоски

Писателот за деца и возрасни Славе Ѓорѓо Димоски деновиве ја привршува својата нова книга за најмладите читатели, насловена „Мали сказни“, во која на достапен и прифатлив начин, преку прашања и одговори, на децата им открива животни факти и вистини. Непосредно пред излегувањето на делото, тој ни дозволи на страниците на „Колибри“ да објавиме дел од содржината.

ЦВЕЌЕ И МРАВКА

По стебленцето на едно Пролетно Цвеќе се качува една Пролетна Мравка.
– Која е Пролетната Мравка?
– Онаа што се качува по стебленцето на Пролетното Цвеќе

МЕСЕЧИНАТА И ЕЗЕРОТО

Малку ѝ е непријатно на младата месечина кога ќе се огледа во езерото.
– Зошто ѝ е непријатно на младата месечина кога се огледува во езерото?
– Бидејќи ја гледа само едната половина од своето лице.

ЧУДНО ЧУДОВИШТЕ

Во оваа мала приказна се крие едно многу чудно чудовиште.
– Какво е тоа чудно чудовиште што се крие овде?
– Тоа е толку чудно чудовиште што и јас не знам какво е.

КУЧЕТО ЧАРЛИ

На топлото сонце кучето Чарли лежи во дворот и гледа во далечината.
– Што гледа кучето Чарли во далечината?
– Кучето Чарли во далечината ја гледа далечината.

ЗЛАТЕН ДВОРЕЦ ВО ЕЗЕРОТО

Во средината на Охридско Езеро има златен дворец.
– Кој живее во тој златен дворец?
– Кралицата Пастрмка со своите илјада принцези.

ЛЕПЕЗАТА НА ПАУНОТ

Во дворот на манастирот „Св. Наум“, крај брегот на Охридско Езеро, паунот ја шири својата шарена лепеза.
– Зoшто паунот ја шири својата шарена лепеза?
– Бидејќи е јули и сонцето силно пече.

ВОЛКОТ Е КУЛТУРНА ЅВЕРКА

Волкот е културна ѕверка кога му се обраќа на јагнето.
– Кога волкот му се обраќа на јагнето?
– Кога му вели да не му ја мати водата.


За авторот

Познатиот македонски писател Славе Ѓорѓо Димоски (61) е роден во Велестово, дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а живее во Охрид. Работи како наставник по македонски јазик и литература. Пишува поезија за деца и возрасни. Застапуван е во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици: англиски, руски, српски, летонски и други.
Димоски е основач на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, која традиционално се организира секое лето во неговото родно село. Исто така, тој бил директор на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“.
За своите дела е добитник на голем број награди, меѓу кои се и: „Исток-Запад, гран при за европска поезија“ – доделена во 2009 г. во Романија, „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“ – награда за животно дело, орден „Златна есен – Сергеј Есенин“ (2012г.) – доделен во Русија, награда „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“ за „Јазичен триптихон“ (2015 г.) и „Антево перо“ за „Кумова слама“ во 2018 година.