Драмскиот писател и поет за деца и возрасни Васил Пујовски почина во неделата, на 72 години. Остави многу зад себе, а ќе биде запаметен како автор на култни детски серии снимени во Македонската телевизија.

Роден е на 1 октомври 1946 г. во селото Д’мбени, Костурско, со потекло од егејскиот дел на Македонија. Во време на Граѓанската војна е оттргнат од најблиските и со татко му е донесен во Скопје, каде што растел и се школувал завршувајќи Филозофски факултет, но преживеаната голгота на растуреното семејство ја носи длабоко во себе и се обидува да ја искаже преку авторството.

Својот професионален век го започнал во весникот „Нова Македонија“, па во Редакцијата на неделникот „Екран“ од каде што преминал во Македонската телевизија. Во МТВ поминал долг професионален период и неговата работа, пред сѐ како уредник, била врзана за Програмата за деца и млади, секогаш со нови идеи и отвореност за соработка.

Како уредник е потпишан на најпопуларните серии за деца „Шарам-барам“, „До-ре-ми“, „Чук, чук, Стојанче“, „Втората смена“, „Умни глави“ (прв дел), „Во светот на бајките“ (прва и втора сезона), популарната детска серија „Дајте музика“ двете продолженија, каде што е и автор на текстот зa насловната песна, „Здраво генијалци“, „Светот има осум страни“… и многу други.

Пујовски е автор на голем број македонски хитови од „Макфест“ и „Златно славејче“, како „Кога те нема“, која ја пееше Хелена Благне, и „Никола, Никола“ на Оливера Лазаревска.