Македонската литература во иднина ќе биде посиромашна за делата на македонскиот новинар и писател Петко Шипинкаровски. Тој беше плоден раскажувач, поет, есеист и автор за деца, соопшти Друштвото на писателите на Македонија.

Неговото плодно творештво со над 20 објавени авторски изданија е значаен придонес во вредносниот систем на современата македонска литература. Неговите романи, раскази, песни и есеи се преведени на повеќе јазици, особено внимание кај меѓународната јавност предизвика неговиот роман „Утринска молитва“ посветен на животот на битолските Евреи. Добитник е на многубројни меѓународни литературни награди и признанија.

Петко Шипинкаровски беше член на Македонското друштво на писателите и на Здружението на новинарите на Македонија. Тој беше и претседател на културниот центар „Бран“ од Струга, кој 20 години ја издаваше меѓународната ревија за литература „Бранувања“, како и организатор на „Струшките книжевни средби“, манифестација со меѓународно учество на автори, кои дискутираа на одредени актуелни теми.

Роден е на 22 септември 1946 година во Будимирци, Битолско. Автор е на следните романи: „Откорнати души“ (2003), „Петра“ (2005), „Црна љубов“ (2006), „Дабјак“ (2009), „Златни обетки за Марија“ (2011), „Децата на Марија“ (2012), „Утринска молитва“ (2015) и романизирани монографии: „Кога тргнав, Цвето, во туѓина“ (2006) и „Струшки сведоштва“ (2007). Ги има објавено и збирките раскази „Залезнина“ (2008) и „Еден живот, една приказна“ (2016), како и поетските книги: „Седело на орлица“ (2006), „Бели ветрови“ (2009), „Злоуми“ (2011), „Бели утра“ (2013) и „Доаѓаат дождовите“ (2015). Автор е на драмските текстови „Духот на војводата“ (монодрама, 2003) и „Крлеж на вратот“ (2017), на есеистичката книга „Кога животот е уметност, уметноста живот“ (2014) и на збирката раскази за деца „Разбранувани води“ (2017).

Шипинкаровски почина во неделата, а погребот беше извршен вчера во Струга, каде што живееше и работеше повеќе од 40 години.