Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Ѕ… Што може да биде Ѕ?!… Се сетив! Ѕ може да биде ѕвонец обесен на вратот на некоја крава што ја викаат Ѕвезда и што дава многу млеко. Ѕ може да биде и ѕидар што ѕида долги кинески ѕидови. Приказната за Ѕвонко ѕидарот од Смилево што ја сакал Ѕвезда од Љубојно ми ја кажа еден Ѕвездан од Ѕвегор. Толку како за почеток. А сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ѕ да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за еден Ѕвонко, познат ѕидар од Смилево. Е, тој, Ѕвонко ѕидал и помали и поголеми куќи. Неговата во Смилево била една од најголемите. Ѕидал каде што ќе го викнеле, ама, некако, најмногу куќи направил во Љубојно. Љубојчани биле печалбари и правеле големи куќи, затоа сакал да ѕида во ова убаво село во Преспа. Но имало време и кога не ѕидал, кога шетал и кога ѕиркал по дворовите да види нешто убаво и интересно. Особено сакал дворови со многу цвеќиња, со цветови ко ѕвончиња.

Во саботите одел и до блиската планина, се качувал на најстарата бука и го гледал небото. Го стемнувало на буката. Кога ќе паднел првиот мрак и кога како свилена завеса ќе ја покриел планината, тогаш ѕидарот Ѕвонко почнувал да ги брои ѕвездите.

Во тоа време се верувало дека ако некој успее да ги изброи сите ѕвезди, ќе сретне убава мома со ѕвезда на чело, со сини очи и со прекрасен ѕвонлив глас. Броел Ѕвонко ѕвезди, броел со денови, со недели, со месеци и никако да ги изброи сите. Ама, приказните не ќе ги викаат приказни ако во нив не се случуваат чудни и необични нешта. Да, многу чудни нешта. Еден убав пролетен ден, ден кога мирисот на цвеќињата се чувствува оддалеку, кога песната на славејчињата е најгласна, летот на ластовичката најлесен, во еден таков ден на Ѕвонко ѕидарот од Смилево, горе кај старата бука… Е, драги мои, колку што почнал да се качува по стеблото на буката, колку што погледнал нагоре кон гранките, кога, таму, најгоре – ѕвезда!
– Колку ѕвезди на небото, толку среќа за тебе, ѕидару – му подвикнала ѕвездата на Ѕвонко од Смилево.

Леле, мори мајко… Ами, сега?!… Што, сега, Ѕвонко подзинал…
– Ѕвезда на чело, очи како небо, ѕвонлив глас… Таа е! – рекол како за себе Ѕвонко и продолжил да се качува по гранките на буката.
Погледнал уште еднаш кон врвот, кога таму- ништо. Ѕвездата ја снемало. Погледнал кон небото, кога таму една ѕвезда трепери и светка, треперела и светкала толку необично, та ѕидарот Ѕвонко се исплашил и брзо-брзо се вратил в село, во Љубојно.
Ама тука не завршува приказната.
Другиот ден, на селската чешма, сретсело, со две стомни во рацете Ѕвонко ја видел Ѕвезда. Од убава, поубава.

– Ми треба ѕидар – му рекла момата на Ѕвонко.
-Ако ти треба, тука сум – ѝ вратил Ѕвонко на Ѕвезда.

Ѕидарот Ѕвонко од Смилево ја направил најубавата куќа во Љубојно, сретсело, до чешмата. Ако одите во Љубојно, сигурно ќе ја препознаете куќата што ја изградил Ѕвонко за убавата Ѕвезда. И не само тоа туку љубојчани надолго и нашироко ќе ви раскажуваат за убавата Ѕвезда. Велат навечер му пеела песни на ѕидарот, а рано наутро, пред изгрејсонце, некаде заминувала. Каде и како никој не знаел. Велат Ѕвезда била и мома и ѕвезда. Ако ве однесе патот во Љубојно и ако ја најдете старата бука во блиската планина, седнете под нејзината сенка и наслушнувајте. Ако ми верувате – арно, ако не – уште поарно, но сигурно ќе ги чуете песните што му ги пеела Ѕвезда на младиот ѕидар од Смилево.

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ѕ ги отклучуваме: ѕид, ѕидар, ѕвонец, Ѕвонко, Ѕвезда, Ѕвегор, ѕвонлив, Ѕвездан, ѕирка, ѕида, ѕвончиња, ѕвезди…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.