ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: С

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: С! С е сонце. С, ако сака, може да биде и срп. Еден Симо од селото Самоков сам си солел сирење и сам го ставал в каче. Сите што пробале од сирењето на Сима од Самоков рекле: Мери, мајсторе, седум килограми! Ама Симо имал и сокол. Сега не знам која приказна да ви ја раскажам: за сирењето или за соколот. Ај, нека биде за соколот.

Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата С да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме. Приказната е стокмена за Сима од Самоков и за соклето. Се случило така, та едно утро, околу седум часот, Симо од Самоков излегол да види што има што нема в село, ама а да излезе од дворот, гледа птица падната под слива. Сливата му била лево од стогот сено. Се подвратил и кога гледа… сокле! Малечко шарено сокле. Од кај дошло тука, како дошло… Било како било, Симо го зел соклето в раце и кога гледа… крилото скршено. Не само скршено туку се обесило надолу…

– Сега, што да правам со соклево – подрекол Симо. – Да го оставам и да си ја гледам работата или да му помогнам. Да му помогнам, ама како?
Симо не ќе бил Симо ако не се сетел како да му помогне на соклето. Му ставил две штичиња и му го врзал крилото. Го пуштил во дворот и тргнал кон сретсело. По некое време се вратил и кога гледа, што ќе види! Сите кокошки заедно со петелот се качиле на слива, а соклето под слива се прави важно, се поткрева на нозете како да е орел.
Како не ви е срем! Се исплашивте од едно сокле. Брзо слегувајте од сливата! А, ти, долу, под слива, што си се надул како да си орел, а? Да не сакаш да те фрлам на мачорот, а?

Ама, Симо од Самоков бил арен човек, го прибрал соклето, почнал да го храни… Ќе направел кокошка со ориз, копан за соклето, ќе запржел манџа со компири и со телешко, од телешкото и за соклето. По два месеци соклето станало сокол. Крилото му зараснало и почнал да лета. Летал соколот, но кај да одел, што да правел, повторно се враќал во дворот на Симо. Кокошките се навикнале на него, со петелот станал другар. Ништо не оставал да влезе во дворот и да ги вознемирува кокошките. Пиле не смеело да прелета. Велат, се тепал со други соколи, една лисица удрил по глава, та кутрата се онесвестила. Ги избркал сите глувци од куќата на Симо, сите ласици, та и пилињата шетале слободно низ дворот. Море кога се разнесиле кокошките, еј, дури по две јајца на ден неселе! И, еден ден, на сливата на Симо од Самоков слетала соколица. Убава, шарена, стројна, чудо едно! Кога ја видел соколот се вивнал високо, високо и почнал да врти над неа. По некое време и соколицата се вивнала високо, високо, в облаци, горе.

Додека се гледале со голо око, се гледале, после ги снемало. Симо од Самоков, петелот, кокошките, пилињата, сите, почнале да плачат, да се туфкаат, ама ништо не помогнало – соколот го снемало. Минувале денови, недели, месеци, од соколот ни трага, ни глас. Се раскажува дека на свадбата на Симо од Самоков со Сандра од Смилево се појавиле соколот и соколицата. Свртеле два-три круга над црквата каде што се венчавале младенците и си заминале… соколот и неговата друшка. На Симо му се народиле многу деца и на зима, кога снегот шепоти, тој им раскажувал за соклето со скршено крило, за кокошките, за пилињата и за петелот. Кога ќе го прашале каде е сега соколот, тој ќе се насмеел и ќе им речел: Кој ќе заспие прв, тој ќе го види соколот и утре ќе ни каже каде е. Така Симо од Самоков ги заспивал своите деца. Како да не ми верувате, а?! Ако ми верувате – арно, ако не – уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата С, ги отклучуваме: Симо, Самоков, Смилево, Сандра, сокол, сокле, свадба, сите, става, слива, сирење, седум, сонце, срп, село, стог, сретсело, сено, срам, снег, сам, сака, скршено, слегува…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.

Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.