Јане Велковски (11) ќе зборува во ОН во Њујорк

На 20 ноември, на Светскиот ден на детето, единаесетгодишниот Јане Велковски, застапник за деца со попреченост од Македонија, ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обединетите нации во Њујорк, каде што деца и млади ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.
– Навистина сум многу возбуден, затоа што ова е огромен настан. Но истовремено сум многу среќен, затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не можат да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот – вели Јане.

Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето, кој се совпаѓа со 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.
Јане ќе учествува во интерактивниот дел, во кој ќе бидат претставени деца застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добрата волја. Тој ќе зборува заедно со други четири деца на панел-дискусијата „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.

– Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса. Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека, како и секое дете, децата со попреченост во себе носат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес за да изградиме инклузивни и одржливи општества за сите – рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Заедно со Владата и во партнерство со делегацијата на Европската Унија, УНИЦЕФ во нашата земја организира низа активности за да ја одбележи 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Училиштата низ целата земја се вклучени во активностите околу „најголемата лекција на светот“ и ја пишуваат „иднината на детството“.