Илустрација: Игор Јовчевски

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: П

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: П!!! П нека биде, нека биде… нека биде пазар на кој се продаваат само пиперки, портокали, пердуви… пердувите заборавете ги. Еден Павле од Подмочани посадил нива со пченка, ама подзинал од чудо кога видел дека изникнала пченица. Подај ми ја раката за да не паднам, а јас ќе ти подарам приказна. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата П да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказната е стокмена за Петрета од Петрино, а почнува кај петте чешми над селото кога тој се препнал на еден камен и паднал. Не да паднал, за малку ќе си го скршел носот. Паднал што паднал, кога, долу, пред него, пердув, пердув од паун.
Пауни во Петрино нема – почнал да се чуди Петре, станал и кога стигнал кај петтата чешма…

Што да правам со пердувот?… Да го фрлам… Море, среќа ми бил, ќе го ставам в торба – рекол што рекол Петре и тргнал кон Петрино.
Бидејќи почнало да се стемнува, време било да ги собере овците и да ги дотера в трло. Ги стокмил овците, ги напил вода, ги исчешлал и влегол во куќата во која живеел. Ами, Петре живеел сам, немало кој да му направи вечера, присобрал нешто и се најал. Кромитче, лепче, овчо сиренце… каснал што каснал и си легнал да спие. Арно, ама сон не го фаќало. Умот му бил на пердувот од паун. Станал. Го нашол пердувот и почнал да го шутка во рацете. Го префрлал од рака во рака и, кога… на вратата се појавила убава стројна мома. Петре се вознемирил, море од возбуда паднал од кревет и дури разбрал што е и како е, момата ја снемало. Многу му било тешко. Време му било за женење. Денес, утре, никако да се ожени. А и многу пребирал. Паца од Горно Маало не знаела да меси зелник, пита де, Петранка од Долно Маало се стрижела ко машко…

Пусти Петре останал неженет, а оваа што му се појави на врата како да била таа, вистинската. Се разденило. Ден петок. Пак овците кај петте чешми. Свртил денот, повторно дома и повторно кога легнал и го фатил пердувот… таа, момата. Колку што сакал да ѝ каже нешто… ништо, момата ја снемало. И така секоја вечер. Ќе го земел пердувот в раце, момата ќе се појавела. Ќе сакал нешто да ѝ каже, ќе се изгубела. Сакал да им каже на соседите, на роднините, ама знаел дека нема да му веруваат и дека ќе му се смеат. Многу му било тешко на Петрета од Петрино, многу. Таел во себе, ништо не јадел, немал апетит, затоа. Папсал Петре наш, овенал како поттурен со топла вода. И, една вечер решил да го запали пердувот од паун, да се куртули од него. Седнал на железниот кревет со сламарица, го помилувал пердувот… се појавила момата на врата, го загледала и како божем нешто ќе му каже. Ама, Петре од Петрино, не чекал многу, пуф и го запалил пердувот од паун. И?! Што, и?!… Чудо невидено! Момата влегла кај Петрета во собата и му рекла…
– Петре, твоја сум!

И почнала да му раскажува што било и што се случило, ама приказната е толку долга, ако почнам да ви ја раскажувам ќе ми требаат пет дена. Важно Петре си ја зел за жена и среќно си живееле во Петрино, што се вели, го искинале животот во мир и во слога. Им се родиле две деца, машко и женско, Павле и Павлина. За нивните деца во некоја друга приказна. Како да не ми верувате?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои ја содржат буквата П ги отклучуваме: Петре, Петрино, пердув, паун, Павле, Павлина, пет, петок, препна, пазар, пиперки, портокали, пченка, пченица, приказна, продава, Подмочани, подзинат, подарува, паѓа, почнува, префрлува, пребира, Паца, пита, Петранка, појавува, повторно…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.