Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште необјавената книга за деца на писателот Ефтим Клетников „Малечката принцеза“

ЗАКОНИК БР. 8

Нека ги чува зрната
во својата кобна пушка,
неговата мила друшка,
смртоносни за срната,

ловецот што тргнал на лов.
Нека ја завитка во молк,
да не завива како волк
таа. Така законот нов,

подготвен за тоа гласи:
„На тој во срна што пука
ќе му престане да чука
срцето и нема да се спаси.

Нека ловецот ѝ рече
на својата пушка дека
отсега сал молк ја чека,
и убиства нема веќе.“


Современи дидактички пораки

На страниците на „Колибри“ во неколку наврати објавивме неколку песни од сѐ уште необјавена книга за деца „Малечката принцеза“ на писателот Ефтим Клетников, што треба да ја издаде издавачката куќа „Арс ламина“ до крајот на годината.
И во наредните броеви ќе објавиме циклус песни од ова дело под наслов „Законикот на малечката принцеза“, кој е на некој начин педагошки мотивиран за млади, но и за оние повозрасните.

– Тука не станува збор за класично дидактичко клише, туку за една модерна и универзална етичка варијанта на сфаќање и однос кон нештата. Има тука и некои полемички тонови во таа смисла со застареното дидактичко клише, кое повеќе ја ограничува отколку што ја проширува етичката свест кај децата. Мислам, пред сè, на „Штурецот и мравката“, познатата басна на Лафонтен, класичен пример за таквото клише, во која авторот застанува на страна на мравката како работлива, а го напаѓа и клевети штурецот како мрзлив, жител на уметноста (музиката) од која нема фајде човекот бидејќи не произведува, според него, опипливи корисни нешта – објаснува авторот.

Ефтим Клетников е автор на книгите за деца: „Кула со златно ѕвоно“, „Златна рипка“, „Море во сонот“, „88 песни за месечината“ и „Сончеви песни“.