Илустрација: Билјана Стевковска - Савиќ

Со реиздавањето на романот „Феликс“ на Вера Николова, темата за холокаустот на еврејскиот народ во Македонија, повторно станува достапна за нашите ученици. Авторката вели дека со оваа книга сакала да подигне еден мал, но искрен и траен литературен споменик за оние што беа дел од нас, а засекогаш ги снема од пред нашите очи и од нашите животи. По трагичниот настан, што се случи на 11 март 1943 година, кога од Скопје, Битола и од Штип фашистите депортирале илјадници Евреи во логорите на смртта во Германија, Николова, чија куќа во Скопје била веднаш до Еврејското Маало, ја слушнала приказната дека скопски младинци од сигурна смрт спасиле едно еврејско момченце, што подоцна ја инспирирало да ја напише книгата „Феликс“, со симболичен наслов, кој асоцира на бесмртната птица феникс.
На 27 јануари во светот се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот

Утрината татко му го разбуди Феликса порано од обично и му рече што побрзо да ги обуе чевлите.
Во куќата сите возрасни веќе беа станати, правеа бали, ставаа во нив алишта и разни други предмети, ги префрлаа работите и пак ги враќаа на исто место. Тетка Рашела плачеше и го лулаше бебето, држејќи го во раце. Мајка му ја облекуваше и ја милуваше Стела. Кога сакаше да ѝ ги облече чорапчињата, слушнаа дека портата се отвора и Феликс виде како во дворот влегуваат три полицајци и еден човек во сива облека.

Мајка им застана, се здрви, ја прегрна Стела со двете раце.
Феликс погледна кон неа и очите им се сретнаа. Мајка му го гледаше преку жолтата главичка на Стела, го гледаше исплашено и страшно.
Татко им ѝ се приближи и ја зеде малата. Потоа го отвори големиот долап во ѕидот и ја стави внатре. Тогаш му рече на Феликс со зарипнат сув глас:
– Влези и ти!
Стела почна да плаче. Но мајка ѝ пак беше тука со куклата. Пред белата убавица Стела замолкна.
– Заспиј ја и молчете! – прошепоти мајка им, фрли на нив куп алишта и го затвори долапот.

Феликс јасно слушна како во кујната влегоа полицајците и човекот во сива облека што ги виде во дворот и како строго им заповеда на домашните што побрзо да се подготват и да тргнат со нив.
Зборуваа на бугарски јазик со многу пцости и викаа, прашуваа дали имаат пари и злато. Го слушна татка си како им одговара дека немаат ништо, а и тоа како тие претураат и ги отвораат чекмеџињата. Едниот од нив викаше:
– Бргу, бргу… не губи време. Зарем не гледаш дека се сиромаштија, најобични скотови!

Тетка Рашела излезе прва, и плачот сѐ послабо се слушаше. Некого го туркаа и го караа што оди толку полека – изгледа бабата. Излегуваа еден по друг. Феликс можеше се помалку и помалку да ги распознава нивните гласови. Најпосле го слушна само гласот на татка си. На вратата некој го праша:
– Има ли уште некого?
Татко им сосема мирно одговори:
– Нема никого.
Потоа излезе и во куќата остана само заплашувачка тишина.
На Феликс му се сакаше да викне по татка си, да го потсети: „А Стела и јас, тате?“ Срцето му тупкаше лудо. Во тишината го слушаше само него. Се плашеше, го болеше поради оние зборови на татко му. „Нема никого“. Но сепак стоеше во долапот колку што можеше потивко и не се помрднуваше.

На скалите викаше мајка му на Хеди. Колнеше и пискаше. Потоа и нејзиниот глас почна да се губи.
Сите си отидоа.
Настана глув, целосен молк.
И Феликс и Стела беа сами…

(Извадок од романот „Феликс“ на Вера Николова)