Во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци

Втората детска изложба што оваа година е отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци е инспирирана од велигденските празници. Изложените цртежи се изработени од рацете на талентираните ученици од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ од Кавадарци и од ОУ „Димката Ангелов Габерот“ од селото Ваташа. Идејата и организацијата на изложбата се на нивниот наставник по ликовно воспитување Горан Боев. Оваа изложба заедно со целата програма на Домот поради ковид-19 беше поместена за неколку седмици, така што отворањето се случи во четвртокот, 20 мај.

Всушност овој проект е резултат на заложбите на ликовниот педагог Горан Боев, кој има желба децата да имаат свое постојано место во јавните галерии за да можат да ѝ ги покажат на пошироката јавност своите успешни остварувања од областа на ликовната уметност. На тој начин тие ќе бидат и редовни учесници на ликовната колонија во Кавадарци и на сите придружни манифестации што ги организира Домот на културата.

Изложбата имаше и натпреварувачки карактер, па жири-комисијата одлучи да додели две први награди, и тоа на учениците: Мери Димова и Тамара Костадинова, потоа две втори награди на учениците Димитар Димов и Лилјана Ристова, додека двете трети награди ги понесоа Трајче Василов и Весна Тодоровиќ. Наградените ученици добија дипломи и комплети со цртачки и сликарски материјали за деца. Ми.М.