Познавам еден Мете
тој е еко-дете.
Ви кажувам на глас,
еко-дете посакав
да станам и јас.

Да го прашам
отидов кај Мете
што треба да правиш
за да станеш еко-дете.

– Кога вода не пиеш
и забите не ги миеш,
чешмата не пуштај ја
без потреба да тече
– така Мете рече.

Светилките в соба
ако не е темно
не треба да светат.
Струја да се штеди,
ако не е мрак,
ако не е вечер
– така Мете рече.

– Тетратката и блокчето
немој да ги кинеш,
немој да ги чкрташ,
ако не пишуваш,
Ако не боиш. Ако не црташ.
Со тоа, како прво и прво
живот ти му спасуваш
на некое дрво.

Како второ и второ,
во градинка и в училиште
не со автомобил,
тато да вози.
Подобро е со велосипед,
за чист воздух, за почист свет.

Во дворови, во паркови,
пред куќа и меѓу згради,
потребно е и најубаво,
дрвца и цвеќиња да садиш.

Во овој цвет од хартија
семчиња од цвеќе се кријат
засади го, наводнувај
и види какви убавини
баш овде спијат.

Грижи се за цвеќето,
со него другарувај,
секогаш љубов кон
природата дарувај.

Важно е другарче и тоа,
отпадот да се селектира,
хартија и пластика,
секој отпад да се рециклира.

Ми објасни тој сѐ по ред,
говорливо и вешто.
Сфатив дека да си еко-дете
не било многу тешко.

Не кријам и ветувам, ете,
отсега ќе бидам – еко-дете!

Ајде и ти биди како нас, ќе ги
чуваме планините и дрвјата,
парковите и животните,
цветовите и водата,
да бидеме сите
верни чувари на природата.