Се одржаа 27-те Републички средби на Црвениот крст во Кичево

На 27-те Републички средби на Црвениот крст што се одржаа неодамна во Кичево, учествуваа 28 општински организации или над 200 волонтери.
Првото место на натпреварот го освои екипата на Центар од Скопје, додека во десиминација најдобри беа волонтерите од општинската организација (ОО) на Црвениот крст од Радовиш.

На присутните волонтери и на членовите на општинските организации во центарот на Кичево, им се обрати претседателот на Црвениот крст на Македонија д-р Ромео Велев.
– Оваа година мотото на Државниот натпревар по прва помош е во духот на одбележувањето на Светскиот ден за прва помош, кој е посветен на првата помош во случај на сообраќајни несреќи. Факт е дека секој ден голем број учесници во сообраќајот, пешаци, велосипедисти и возачи на автомобили ги губат животите во сообраќајот, а бројката изнесува над 3.500 луѓе, додека бројот на повредени изнесува над стотина илјади. За жал, сообраќајните несреќи се водечка причина за смртта кај младите од 11 до 25 години. Или сообраќајните несреќи се на деветто место како причина за смрт на многу луѓе, а до 2030 година тие ќе се искачат на седмото место. Првата помош е сѐ повеќе популарна кај младите, доказ за тоа се нашите, херои седмоодделенците Ведран, Петар и Милан од Скопје, кои со навремена прва помош спасија човек во автобус на ЈСП за да не се задуши – рече Велев.

Во изедначена борба за победници на натпреварот беа прогласени волонтерите на Центар од Скопје во состав: Игор, Нена, Марина, Вероника, Ивона и Ана, под водство на менторот Димитар Тануроски и неговиот помошник Дарко Алексовски.
– За да победиме на овој натпревар требаше да вложиме многу труд, желба за победа и борбеност, а за овој Републички натпревар се подготвувавме скоро два месеца и сметам дека целосно заслужено го освоивме првото место и в година би сакале да го повториме годинашниот пласман – рече менторот на победничката екипа Тануроски.
Кај десиминаторите првото место ѝ припадна на екипата на општинската организација од Радовиш, што ја сочинуваа: Марија, Дарко, Данче, Катерина и Александар.