Симпатичната синоока Валентина (11) од Франција е победничка на 19-то издание на „Детската евровизија“, кое во неделата се одржа во Варшава, Полска. Таа не можеше да ги запре солзите радосници откако во остра борба со другите 11 учесници, со освоени 200 бода и од жирито и од онлајн гласањето, сосема на крајот од гласањето изби на првото место на табелата. Таа ја пееше песната „J’Imagine“ (Замислувам), игрива мелодија, со актуелен текст во кој се зборува за тоа колку во овој сменет свет ние треба да ја најдеме убавината на живеењето и на најмладите жители на планетата да им обезбедиме, и покрај сѐ, среќно и весело детство.
Мото на изборот беше „Придвижи го светот“ („Moved The World“), а младите преставници на „Детската евровизија“од цела Европа, со својата енергија и радост навистина внесоа многу ведрина во домовите на гледачите, не само на Стариот Континент туку и во целиот свет. Годинава имаше рекордни 4,5 милиони онлајн гласа, што е доказ дека и возрасната „Евровизија“, но и детската се едни од најгледаните настани во светот.

Годинашното шоу на „Детската евровизија“, организирано од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), беше комбинација на снимени настапи и директно вклучување од настанот, што го организира полската национална телевизија ТВП, со почитување на сите мерки за безбедност.
За жал, Македонија годинава не беше дел од овој избор, но сопственикот на лиценцата, Македонската телевизија, вршеше директен пренос, со коментарите на водителката Ели Танасковска. Исто така, гледачите од Македонија од петокот до неделата можеа да го дадат својот глас за некој од учесниците.
Учествуваа преставници на 12 држави. Од регионот учествуваше единствено Србија, а покрај неа, младите музички надежи од Русија, Казахстан, Белорусија, Франција, Шпанија, Холандија, Грузија, Украина, Малта, Полска и од Германија.
Македонија досега учествувала 15 пати на „Детската евровизија“, од 2003 година до лани. Најдобри пласмани имале Росица Кулакова и Димитар Стојменовски, кои го освоија петтото место во 2007 година, како и Боби Андонов, кој исто така беше петтопласиран со песната „Прати ми СМС“ во 2008 г. На шестото место се пласира нашата минатогодишна учесничка Мила Москов, а седма беше Мартина Силјановска со песната „Забава“, која нѐ претставуваше во 2004 година. 


Се обидувам да го раздвижам светот правејќи добри дела!

Валентина е дел од групата „Кидс јунајтед нувел џенерејшн“, а претходно има снимено два албума со групата. Таа беше избрана да ја претставува својата земја од страна на Француската национална телевизија на годинешниот натпревар, следејќи ги стапките на Карла (2019), Анжелина (2018) и Томас (2004). Покрај тоа што пее на својот мајчин јазик, 11-годишното девојче сака да пее и италијански песни.
Таа на сцената се појави со четворица танчари. На шарените ЛЕД-екрани за време на нејзиниот настап можеа да се видат слики на европски знаменитости и Ајфеловата кула како танцува.
Валентина пред настапот на „Детската евровизија“ одговори на некои прашања на новинарите.

Кој дел од текстот од твојата песна ти е најомилен?
– „Значи, тоа е вистина, не е секогаш радосно наоколу, во нашите срца тоа е вистинска борба, затоа ајде замислете со мене“. Текстот ја рефлектира реалноста – животот не е секогаш лесен и забавен, но сепак има силна надежна порака на крајот: да замислиме заедно посветла иднина!
Како почна да пееш?
– Почнав да пеам кога бев многу мала, бидејќи мајка ми ми пушташе цедиња со песни на италијански јазик, за да можам да заспијам.
Кои се твоите музички идоли?
– Идол ми е Аријана Гранде, но сакам и други видови музика, на пример рап.
Кому ќе му ја посветиш победата?
– Победата ја прославив со целото семејство и со моите пријатели, но му ја посветувам на мојот покоен дедо, кого многу го сакав.
Како ти го поместуваш светот?
– Се обидувам да го раздвижам светот правејќи добри дела со УНИЦЕФ и со членувањето во фондацијата „Гуд планет“. Мислам дека секој од нас може да го стори тоа со правење мали но корисни нешта.